МКС порача дека заканите против неговите претставници „мора веднаш да престанат“

Меѓународниот кривичен суд (МКС – ICC) во петокот остро одговори на заканите и обидите за заплашување со кои се соочуваат неговите претставници, но не даде поединости.

Обвинителството на највисокиот кривичен суд на Обединетите нации во Хаг на социјалната платформа Х соопшти дека судот „инсистира дека сите обиди за попречување, заплашување или несоодветно влијание врз неговите службеници мора веднаш да престанат“.

МКС и неговиот главен обвинител Карим Кан беа цел на остри критики во последните денови, особено од Израел и од Соединетите американски држави. Тие беа поттикнати од извештаите за можното издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и други високи израелски функционери за наводни воени злосторства во Појасот Газа.

Нетанјаху ова го нарече „невиден антисемитски криминал од омраза“.

Меѓународниот кривичен суд гони поединци за можни воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.

Израел не ја признава јурисдикцијата на судот, како и САД, но Палестинската самоуправа е членка на Римскиот статут за МКС, а обвинителот е овластен да ја истражува војната во Газа.

МКС не даде поединости за контекстот на заканите и одби да коментира за поврзаноста со евентуалниот налог за апсење на Нетанјаху.

Сепак, во соопштението за медиумите се наведува дека „независноста и непристрасноста на судството се поткопуваат кога поединци се закануваат со одмазда на вработените во Судот доколку Канцеларијата, во согласност со своите овластувања, донесе одлуки за истраги или предмети во нејзина надлежност“.

Ваквите закани може да бидат и кривични дела, се додава во соопштението.

МКС од 2021 година ги истражува Палестинците и Израелците за наводни воени злосторства во Појасот Газа. Главниот обвинител Кан ги посети Израел и палестинските власти кон крајот на 2023 година и повтори дека злосторствата од сите страни во војната мора да бидат истражени.