Млади лекари трет месец чекаат да бидат викнати на пракса за специјализација

Стотина млади лекари по општа медицина со месеци чекаат да бидат повикани на шестмесечна платeна пракса, која како што велат, им следува согласно Законот за здравствена заштита после положен испит за лиценца во Лекарската комора.

Велат дека само мал дел од студентите кои го положиле испитот биле повикани на пракса, а останатите не. Тие појаснуваат дека без оваа пракса, им се ускратува можноста за нивно усовршување и не можат да запишат специјализација, чиј краен рок за конкурирање е до септември. Иако по средбата со Министерот за здравство Илир Демири било доставено барање до Министерството за финансии за одобрување средства, одговор од таму сеуште не добиле.

– Дел од колегите ја започнаа праксата од 6 месеци во Итната медицинска помош и здравствените домови, додека пак останатиот дел сеуште чекаме. Ние секојдневно сме на вратите на институциите и бараме одговори за тоа кога ние ќе почнеме со платената пракса, а одговор сеуште немаме и чекаме,- – Симона Георгиевска.

Младите лекари забележуваат дека иако секојдневно се зборува за недостаток и одлив на кадар, активните конкурси за вработување биле ретки.

– Секојдневно го слушаме парадоксот на нашиот систем каде е очигледен недостатокот на млади лекари, а во исто време ние сме оставени во чекалната на институциите чекајќи вработување или платена пракса која ни следува со Закон. Иако си ја сакаме државата и сакаме да останеме тука ќе бидеме приморани да одиме некаде каде што ќе се цени нашиот труд и знаење,- -Ивана Балоска.

Министерството за здравство по секој месец има увид за студенти кои го положиле испитот, потоа тие се испраќаат во Фондот за здравство, па во Министерството за Финансии од каде се одобруваат средствата за финансирање на праксата. За тоа зошто само дел од студентите добиваат одобрение за пракса иако тоа следи на секој со положен испит, прашавме во Министерството за финансии, но одговор од таму засега не добивме.