![balkanot e srceto](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/05/balkanot-e-srceto.jpg?resize=676%2C298&ssl=1)
Со театарската претстава „Пеликанот“ од Аугуст Стриндберг, во режија на Теодора Сиљаноска и во изведба театарски уметници од Интернационалниот универзитет Еуропа Прима, денеска, ќе отпочне годишниот настан: „Балканот е срцето на Европа” – Евроинтеграциите на Балканот меѓу реалноста и илузијата.
На настанот, во организација на ACADEMIA BALKANICA EUROPEANA, со поддршка на Министерството за култура, и во соработка со Интернационалниот универзитет Еуропа Прима од Скопје со свои изведби и дела – фотографска изложба, филмски презентации, тетарски претстави и други културни и уметнички перформанси, ќе се претстават повеќе млади уметници од регионот.
-Academia Balkanica Europeana (www.ab-europeana.org) обединува повеќе значајни творци од областа на културата, науката и уметноста од десет балкански земји, со цел да им овозможи на културната јавност и младите луѓе од регионот да ги откријат темите и предизвиците на уметничкиот и културниот свет во својот оригинален контекст. Од повеќето содржини на манифестацијата, вреди да се издвојат театарската изведба „Плеј Чехов“, на студентите од класата на проф. Дејан Пројковски и настапот на младите музички уметници од класите на проф. Александар Трајковски и проф. Дарко Мариновски, наведуваат организаторите.
Во текот на трите дена во кои што ќе се одвива манифестацијата, ќе бидат оранизирани и мастер клас по фотографија на проф. Елена Бојаџиева-Цвековска, како и мастер-клас по актерска игра од проф. Дејан Пројковски.
Исто така, во рамките на манифестацијата ќе се одржи и меѓународна онлајн конференција со наслов “Балканот е срцето на Европа – Академија балканика еуропеана – Евроинтеграциите на Балканот меѓу реалноста и илузијата “, на која ќе учествуваат повеќе значајни интелектулци и творци од Македонија и регионот како, проф. Јордан Плевнеш, проф. Александар Прокопиев, проф. Елизабета Шелева, проф. Башким Шеху, проф.Хачиф Мулиќи итн.