Во Скопје младите од различни делови на Македонија се собраа на настанот „Младинска Моќ за Единство: Градење Мултикултурна Иднина“, организиран од Аналитика тинк-тенк, во соработка со Иницијатива за граѓански интеграции ИГИ Гостивар и Организација на жени Струмица. Овој настан беше дел од проектот „Младински активизам за мултикултурализам – да се негува, да се дејствува!“, поддржан од Европската унија и спроведен од УНДП, чија главна цел беше промоција на социјалната кохезија и меѓукултурниот дијалог.
Како дел од настанот посетителите имаа можност да ја видат изложбата на фотографии направени од младите учесници во проектот, кои претходно беа обучени од професионални фотографи за основите на фотографијата. Нивната задача беше да ги документираат културните наследства во своите заедници. Оваа активност им овозможи на младите да ги подобрат своите фотографски вештини, додека во исто време учеа за различните култури и обичаи низ Македонија.
„Ова искуство нè научи дека заедништвото и мултикултурализмот не се само зборови, туку вистинска потреба за иднината на нашата земја. Ние сме подготвени да го промениме општеството и да го направиме поинклузивно за сите,“ изјави еден од учесниците.
Настанот служеше како инспирација за нови иницијативи и партнерства меѓу младите кои ќе продолжат да работат на промоција на мултикултурализмот и инклузивноста во Северна Македонија. Ова е само почеток на еден подолг пат на активизам и соработка, кој ќе помогне во изградба на општество каде секој може да придонесе и да биде ценет, без оглед на културната или етничката припадност.