Во дворот на Младински образовен форум (МОФ) во петок(31-ви март) се одржа ново издание на младинскиот настан за социјален активизам „Engage Youth“, каде млади активисти и креативци споделуваа искуства од своите иницијативи и организации. Целта е тие да покажат како се ангажирани во полето на културата, уметноста, родовата еднаквост и средношколското неформално организирање, за да дадат важен пример на врсниците, но и за развојот на локалната заедница. Притоа, се одржа и свирка на младиот бенд „Црно собрание“ од гимназијата „Никола Карев“.
Младата Сара Ферро од „МакеДокс“ зборуваше за „Докуникулци“- школа за документарен филм која изминативе години пушта корени кај младите. Објасни дека школата е основана во 2017, наменета е за средношколци, а се одвива во неколку фази.
„Сакаме да поттикнеме критичко размислување преку правење документарци на теми што ги засегаат и младите – демократија, социјални аспекти, се рагледуваат и теми од тинејџерство, растење, сексуално вознемирување… Младите работат и со ментори, се прават и тимови. Еден е камера, друг звук, монтажа, зависи кој што го интересира и какви му се афинитетите. Притоа, се организира и Патувачко кино низ Македонија. Целта е да ги извадиме од градот и носиме во села и природа, во малку поинаква и неформална средина“, објасни Ферро пред присутните.
Според неа, важно е од помала возраст да почнат да бидат креативни, одговорни и да се активираат.
„Филмот е моќна алатка за изразување и адресирање на некои проблеми, особено што младите сме цело време на телефон, скроламе видеа, разни приказни, но креативниот документарен филм се издвојува од другите вакви форми, дава можност она што го носиме во себе да го изразиме, да допреме и до нашите врсници, околината… Важно ни е оваа индустрија да просперира и да има млади луѓе и режисери што ја ставаат Македонија на мапата“, рече Сара Ферро.
Андреј Медиќ Лазаревски од „Култура Бета“, платформа што нуди простор за млади креативци, зборуваше за потребата од независна култура на младите, но и зошто е таа важна.
Потсети на разни примери од изминатиот период. За постоењето на младиот колектив Гола планина, за Дина Јашари која ја освои наградата „Милан Младеновиќ“, дека се појавија состави како „Луфтанза“, „Харакири“, „Занаду“, „Короужн“, АТА, „Преку ред“, „Димиш“, „Ред 18“… Понатаму, се оформи „Отскочна даска“ на Скопски поетски фестивал, градската библиотека оформи читателски клубови што ги водат млади, се отвори проектот „Поетска епизода“, Филозофски фестивал има награда за студентски филм…
„Со последните случувања со МКЦ како единствена јавна институција отворена за млади независни и алтернативни уметници, а финансирана главно од буџетот на Град Скопје, и ударот што беше зададен кон неа, ја покажа сплотеноста на младинската сцена предводена главно од Гола Планина и сплотеноста на сите уметници што се дел од независни, неформални здруженија, организации, театри“, вели Медиќ Лазаревски.
Таквата сплотеност и пораките што ги испратија младите во тие актуелни две недели, вели тој, покажаа зошто е потребна независната култура.
„Немајќи видливост кај ‘сериозните’ институции, кај алфа уметноста, младите решението за таквата невидливост и неспремност на мејнстрим културата да ги отвори вратите на младите уметници е истите тие млади да се, од една страна приморани, од друга страна и благословени да се посветат на независната работа, понекогаш и неформална работа, волонтерска, ентузијастичка, недоволно платена работа во културата. Зошто велам благословени? Бидејќи постојат бројни примери што од таква ентузијастичка работа сега се произлезени сериозни фестивали, проекти, организации, кои се едни од главните носители на културната култура“, посочи Медиќ Лазаревски.
Сара Миленковска од иницијативата #СподелиАвторка зборуваше на тема „Достапноста на феминистичката литература и женското творештво“. Таа раскажа како се развиваше ваквата иницијатива, со цел да ја афирмира феминистичката литература, со тоа што ќе се соберат книги и ќе бидат донирани во градските библиотеки низ Македонија. Односно, да се понуди платформа на жените писателки да се доближат до младите во руралните средини и помали градови.
„Во септември, 2021 кога прославивме една година од постоењето имавме донирано над 850 книги, сега тој број е 1.500, во повеќе од 10-ина библиотеки како на пример во Делчево, Битола, с. Пирок, Тетово, Градско, Кичево, Струга, неколку училишта во Чаир и младински центри низ Македонија“, наведе таа.
На страна од системското невложување во развојот на локалните библиотеки, вели таа, библиотекарките им споделиле дека иако недостасува женското писмо, сепак на некои места се трудат да придонесат за актуелизирање на социјалната правда и родовата еднаквост – меѓутоа генерално недостасува женскиот глас и со тоа присуство на полиците во библиотеките.
„Проблемот што повеќе се инвестира во Скопје е политички проблем на немање децентрализирано креирање политики – и стратегиско размислување кога станува збор за зачувување на јавното добро“, рече Миленковска.
Во моментов имаат над 400 собрани наслови, од лични граѓански донации, но и донирани од факултет во Лондон.
„Во текот на следните месеци – ќе продолжиме проактивно донирање директно во јавните библиотеки и местата каде младите го користат јавниот простор“, рече таа, посочувајќи дека преку #СподелиАвторка е втемелен и концептот на колективна грижа.
Од Арт Хаус Карев (АНК), неформалната средношколска организација во рамки на гимназијата „Никола Карев“, пред присутните говореше Леа Манева.
Манева потсети дека пред 15 годни почнало организирањето свирки и претстави, во 2011 е одржана и првата т.н. свирложба, концепт кој продолжува и денеска. Потоа, во 2018-та е реализирано првото издание на фестивалот „Три дена култура“, година кога Арт Хаус Карев го добива денешното име.
„АХК продолжува со работа, па од неодамна учениците од ‘музичка критика’, започнаа да работат на интересен проект – полнење на Википедија со информации за македонски рок бендови. Дојдовме до заклучок дека проектните активности не мора да бидат само на хартија, туку навистина да се направи нешто корисно, за нас, за земјата од која потекнуваме“, нагласи Манева.
Таа ја спомена професорката Емилија Ристовска, одговорна за средношколските бендови, која ги учела дека директното учество во уметничкиот простор е процес кој подразбира толеранција на различноста, но и развој на љубопитноста.
„Пробувалната“ е место во кое работат средношколските бендови. „Пробувалната“ е лабораторијата, но не обична лабораторија, туку лабораторија на духот. Јас, а и верувам сите други кои често се во ‘Пробувалната’ – ја чувствуваат како дом“, посочи Манева.
„AHK е платформа која организира културно-уметнички настани и е место каде преку меѓусебно почитување, рамноправност и порив за пренесување порака, можат да бидат вистински љубопитни и свои, а тој порив да има краен резултат – спремни бендови, режисери, уметници, но најважно спремни луѓе“, потенцираше средношколката.
Настанот беше поддржан од National Endowment for Democracy, а организиран од Младински образовен форум и Радио МОФ.