Андреј Ѓурчиновски дебитираше како прв Македонец што настапил на Европското првенство во билијард за младинци, а на своите плеќи го имаше и товарот на неискуството бидејќи како 12-годишен играше во категорија на играчи до 17 години.
Европското првенство во билијард се одржа во Петрич, Бугарија, а се играше во три натпреварувачки дисциплини, популарно наречени „осмица“, „деветка“ и „десетка“. Вкупно беа пријавени 140 учесници, а беа распределни во четири конкуренции: поединечно до 17 и 19 години (машки), поединечно до 19 години (женски) и екипно.
Ѓурчиновски играше во сите три натпреварувачки дисциплини и се соочи со далеку повозрасни и поискусни ривали, но без трема стартуваше со две победи во дисциплината „десетка“ со што извојува пласман во најдобрите 32 играчи. Најпрво го совлада Словенцот Блаж Рус со 6:2, а потоа Италијанецот Давиде Сини со 6:5, за во елиминациската фаза да се сретне со Полјакот Адам Сваџба од кој претрпе пораз со 6:4.
Во дисциплината „осмица“ која беше следна на програмата Ѓурчиновски повторно стартуваше со победа над Французинот Јан Гузин со 6:4, а потоа и со Новежанецот Дидриг Вога Берг со 6:5. Во елиминациската фаза, повторно влезе меѓу 32 најдобри, но имаше пораз од Германецот Ерај Син со 6:3.
На крајот, во дисциплината „деветка“, Ѓурчиновски го загуби првиот меч од Рику Ромпанен од Финска со 7:3 (при што неговиот противник стигна до полуфиналето и борба за медал која се игра денес), а во вториот меч загуби со 7:2 од Германецот Феликс Фогел, кој освои злато во дисциплината „десетка“.
– Ова беше прекрасно искуство и делува мотивирачки кога знам дека не заостануваме зад ривалите. Видов дека и меѓу најмладите има врвни професионалци, дисциплинирани играчи кои работат со тренери и психолози за да напредуваат на секое поле. Сакам да се заблагодарам до Агенцијата за млади и спорт, но и до БСК Гран Клуб и Билијард федерацијата на Македонија, кои ми овозможија да настапам на ова Европско првенство, изјави Ѓурчиновски.
– Успесите на Андреј ја израдуваа спортската јавност во Македонија. Да се оствари победа на Европско првенство е нешто што тешко им оди дури и на сениорите. Андреј е на вистинскиот пат и неговите успеси и даваат смисла на нашата работа, рече Димитрие Маневски, претседател на Билијард федерацијата на Македонија.
На почетокот од летото, на Европското првенство во снукер Македонија беше претставена од пет играчи, еден во младинска и четири во сениорска конкуренција. Сега активностите продолжуваат со организацијата на Петтиот мастерс од државното првенство во билијард кој е предвиден да се игра во првиот викенд од септември оваа година.