Младите лекари во Британија започнаа четиридневен штрајк

Младите лекари во Велика Британија започнаа во вторникот четиридневен штрајк со кој бараат зголемување на платите, кој се смета дека ќе предизвика досега невидено нарушување на здравствениот систем во земјата, поради што владата предупреди на загрозување на безбедноста на пациентите.

Десетици илјади млади лекари, кои сочинуваат речиси половина од медицинскиот персонал, штрајкуваат од вторникот за зголемување на платите кое би било во согласност со инфлацијата, а е последниот во низата штрајкови во британската Национална здравствена служба (NHS), којашто се финансира со јавни пари.

Нивниот синдикат British Medical Association (BMA), бара зголемување на платите од 35 отсто и тврди дека платите на неговите членови реално се намалени за 26 отсто поради инфлацијата во периодот од изминатите 15 години. Штрајкот се одвива по минатомесечното тридневно запирање на работите на сите британски лекари.

„Оваа нова серија штрајкови ќе доведе до ниво на нарушување без преседан и многу сме загрижени за потенцијалната сериозност на ефектот врз пациентите и услугите ширум земјата“, изјави шефот на одделот NHS за Англија, Стивен Повис.

Посочи дека овојпат ќе има „значително повеќе“ откажување на операции и други медицински постапки отколку во текот на претходниот штрајк, кога беа одложени повеќе од 175.000 специјалистички медицински третмани, но додаде дека во NHS работи на тоа да обезбеди итните служби да продолжат нормално да функционираат.

„Исто така, баравме (болниците) постапките и амбулантните пациенти да ги закажат во што е можно побрз термин, но со седмици ќе закрепнуваме од тоа“, рече Повис за BBC Radio.

Од BMA наведоа дека штрајковите на младите лекари, од кои некои се веќе многу искусни, би можело да бидат спречени доколку министерот за здравство Стив Баркли понудил уверлив раст на платите.

„Не само што штрајковите ја загрозуваат безбедноста на пациентите, туку и се темпирани така да ги максимализираат нарушувањата по велигденските празници“, се истакнува во писмената изјава на министерот Баркли.

Додава дека барањата на BMA се „неразумни“ и дека би значеле зголемување на платите на повеќе од 20.000 фунти, односно околу 22.800 евра, за некои лекари.

Станува збор за најновиот штрајк на членовите на синдикатот на здравствените работници NHS, кој доаѓа до запирањето на работата на медицинските сестри, болничарите и другите работници во здравството кои бараа платите во голема мера да им бидат сообразени со годишната инфлација кој изнесува повеќе од 10 отсто.