Младите македонски кошаркари убедливо со врсниците од Бугарија

Фото: КФМ

Македонската кошаркарска репрезентација за играчи до 20 години оствари убедлива победа над Бугарија (83:54) и со тоа се приближи до посакуваното место во четвртфиналето на Европското првенство – Б дивизија, на којашто е домаќин.

Избраниците на Никола Василев имаа негатива по првата делница, но до крајот на полувремето направија пресврт, за седум плус на паузата. Вторите дваесет минути целосно ѝ припаднаа на Македонија, која постојано го зголемуваше водството, за убедлива победа над источниот сосед.

Бугарија, која забележа три победи во воведните три натпревара, беше во предност по првата четвртина со 18:15, по што македонските кошаркари целосно доминираа на паркетот во СРЦ Кале и веќе на полувреме заминаа со предност од 40:33. Сите дилеми околу победникот беа решени во третата четвртина по која црвено – жолтите стекнаа недостижна предност од 64:45 и рутински го приведоа натпреварот до самиот крај.

Симиќ со 21 поен и Митревски со 19 поени беа најдобри реализатори во македонскиот состав, а двоцифрен беше и Петков со 11 поени.

Во завршното четврто коло во рамки на групата А, македонските кошаркари утре со почеток од 18.30 часот ќе играат против аутсајдерот Република Ирска и со победа ќе го заверат пласманот во четвртфиналето.