Младите во Шпанија ќе добијат евтини кирии од имотите на пропаднатите банки

Шпанија сака да им помогне на милиони млади луѓе со евтино изнајмување недвижен имот кој беше доверен на управувањето на државата по колапсот на банките во финансиската криза.
Само 16 отсто од младите во Шпанија живеат независно, во споредба со просечните 32 отсто во Европа, според Опсерваторијата за еманципација.
Затоа Владата вчера донесе план според кој „лошата“ банка Сареб на младите ќе им понуди до 50.000 преземени станбени имоти по поволна цена.
Сареб е основана во 2012 година за да преземе недвижен имот во вредност од повеќе од 50 милијарди евра и други „лоши“ средства на штедилниците кои пропаднаа по „пукањето на балонот“ на пазарот на домување.
„Младите и не многу младите, не можат да ја платат киријата“, рече министерката за домување Ракел Санчез за планот за изнајмување преземени имоти со кои управува Сареб. „Сметаме дека оваа мерка ќе ја постигне посакуваната цел, а не е единствената што ја нудиме“, додаде Санчез.
Минатата недела, владата и нејзините партнери во парламентот се согласија дека ќе протуркаат закон со кој ќе се ограничи зголемувањето на закупнината на три проценти годишно во областите со особено големи поскапувања.
Во исто време, владата се обидува да ја зголеми понудата на државни станови, кои во моментов бројат 300.000 и сочинуваат само три отсто од станбениот фонд, изјави министерката за економија Надија Калвино. На ниво на ЕУ нивниот удел е девет проценти.
Идентификувани се 112 парцели на кои во првата фаза може да се изградат 10.000 нови домови, а подоцна уште 5.000.