Млекото и млечните производи се безбедни, велат од АХВ, а бруцелозата се испитува во повеќе фази

Одговорно тврдиме, безбедносниот систем за млекото и млечните производи не е нарушен. Покрај лабораториските испитувања, во спроведувањето на Годишната наредба за здравствена заштита на животните за годинава, како дел од повеќегодишните програми за контрола и искоренување на болестите кај животните, вклучително и на бруцелозата, се вршат и клинички прегледи. Лабораториските испитувања се само една од методите за  докажување на здравствениот статус на животните на одгледувалиштата.

Ова го соопшти денеска Aгенцијата за храна и ветеринрство (АХВ) како одговор на тврдењето на Цветан Трипуновски, претседател на комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ кој во статус на Фејсбук  обвини дека на пазарот ќе се пласира небезбедно млеко бидејќи АХВ навреме не извршила јавна набавка за лабораториско испитување на болеста бруцелоза.

Од АХВ појаснуваат дека јавната набавка е навреме објавена, но процесот е запрен поради поднесена жалба за која треба да се изјасни Државната комисија за жалби по јавни набавки., но тоа не значи дека на пазарот има млеко кое не е здраво за употреба.

Оттаму тврдат дека примарната контрола на здравствениот статус на животните на фармите ја имаат сточарите и тие водат сметка за ова. Ја почитуваат законската обврска секоја промена во здравствениот статус на животните да ја пријават до ветеринарните друштва или официјалните ветеринари.

„Суровото млеко кое влегува во процесот на производство задолжително термички се третира (стерилизира/пастеризира) со што се елиминира и можноста, млеко заразено со бактеријата бруцела да влезе во производството. Оваа бактерија со термичкиот третман на млекото се уништува. Дополнително, врз основа на сопствени контролни програми и контролите кои ги спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство, се контролира и безбедноста на секој готов производ“ се наведува во соопштението.

Од АХВ му забележуваат на Трипуновски дека  неетички и неморално  манипулира со здравјето на луѓето што го прави за политички цели.