ММА: Селмани и ЗНМ јавно да се извинат за изнесените невистини

Македонската медиумска Асоцијација, составена од сите Телма, Алсат-М, Алфа, Канал 5 и Сител,   со неверување ја проследи прес конференцијата на ЗНМ и нејзиниот претседател Насер Селмани и испрати реакција на истата.

Нетпрес го пренесува во целост демантот на ММА.

На оваа прес конференција очигледно на тенденциозен начин се изнесени тези кои имаат за цел да ја поткопаат работата, позициите и довербата која кај своите гледачи Националните телевизии ја градат со години вложувајќи средства, време и труд. За разлика од здружението кое вчера презентира таканаречена анализа, во име на вистината, ММА на граѓаните сака да им порача дека средствата кои се исплатени на нашите телевизии за емитување на јавни кампањи од општествен интерес во наведениот период се многукратно помали од тоа што беше презентирано на вчерашната прес конференција.

Тоа може лесно да се утврди доколку се направи професионална и квалитетна анализа.

Таканаречената анализа презентирана вчера е збир на неточни податоци кои целосно ја дезинформираат јавноста. Причините за ваквата постапка на Г-динот Селмани можат да бидат само две: или интелектуалниот и новинарски капацитет на оние што работеле на оваа тематика е премногу низок за да може да направат сеопфатна анализа и да добијат точни резултати, кога веќе не се обратиле на телевизиите за информација, или намерно сакаат да ја дезинформираат јавноста. На ова Г-динот Селмани треба самиот да одговори.

Тврдењето дека со средствата платени на телевизиите за емитување кампањи од  јавен интерес се корумпираат медиумите, ММА целосно го отфрла како злонамерно и тенденциозно. Веќе одамна е јасно дека за Г-динот Селмани и неговото здружение, секој што ситуацијата во Македонија ја согледува поинаку од него е корумпиран. Тоа се обиде да го протурка и овојпат. За негова жал, довербата и рејтинзите на телевизиите меѓу граѓаните целосно го демантираат.

На крајот, не можеме а да не се осврнеме на ставот на Г-динот Селмани дека токму тој и неговото здружение треба да разговараат за тоа кој, како и колку да се огласува во медиумите. Прашуваме, кој е тој и што е неговото здружение за да разговара и преговара за нашите економски и деловни односи? Тој евентуално може да даде свое мислење, ако некој воопшто од него го побара тоа, а на оваа тема во име на телевизиите може да преговара и договара само Македонската медиумска асоцијација. Здружението на Г-динот Селмани може да разговара и преговара само за потребите на оние што ги претставува,  само еден дел од новинарите, а секако не може да ги креира бизнис условите за работа на медиумите. Очигледно дека неговиот капацитет не само што не е доволен за реална анализа на одредена тема, туку не може да го разбере ниту доменот и опсегот на работа на неговото здружение.

На сите оние кои, веруваме, со желба да помогнат за што поголема демократизација на македонското општество, имаат интерес да финансираат истражувања од областа на медиумите, посебно  телевизиите како најсилен медиум, им предлагаме да се обратат на специјализирани агенции кои прават професионални истражувања и анализи. Можат, доколку сакааат точни и изворни податоци, да и се обратат и на ММА. Така нивните вложувања ќе бидат вистински валоризирани, а не џабе потрошени на луѓе кои не можат да направат ниту обична анализа на податоци кои се јавно достапни.

Во 5-те приватни национални телевизии работат окулу 650 луѓе, а приближно уште 100-тина земаат хонорари од овие медиуми. Според тоа никој друг не може поадекватно да ја познава оваа бизнис проблематика од оние кои секојдневно се борат со сите проблеми за да обезбедат редовна плата на вработените, меѓу кои се членови на здружението на Г-дин Селмани.  Овој факт е неспорен и никакви нарачани површни анализи не можат да го сокријат.  ММА е отворена за соработка и дискусија за сите теми што го допираат телевизискиот и медиумскиот бизнис во РМ. Креирањето што подобри услови за работа на медиумите е наша основна цел.

ММА бара Г-динот Селмани и неговото здружение во рок од 24 часа, јавно да се извинат за изнесените невистини и да ја информира јавноста за својот демант. Во спротивно своите лажни тврдења ќе мора да ги брани на суд.