Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF) во вторникот благо ја зголеми прогнозата за растот на светската економија оваа година, посочувајќи на зајакнувањето на личната и јавната потрошувачка и пониските цени на енергијата и стоките.
За годинава ММФ прогнозира раст на светската економија од 3,1 отсто, што е за 0,2 процентни поени посилен од она што го очекуваа минатата есен. Во 2025 година активноста треба да расте со речиси исто темпо, ја потврдија проценката од октомври. За споредба, просечниот раст на светската економија во периодот од 2000 до 2019 година изнесува 3,8 отсто.
Зимските прогнози на ММФ ги опфаќаат само најголемите економии и групи на економии.
Тие ја припишуваат подобрената перспектива на посилната лична и јавна потрошувачка, и покрај заострените монетарни услови и зголеменото активирање на работната сила, а го истакнуваат и подобрувањето на синџирите на снабдување и пониските цени на енергијата и суровините.
Ажурираните светски економски прогнози покажуваат дека е на повидок „меко приземјување“, но вкупниот раст и глобалната трговија остануваат под историските просеци, вели главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуриншас.
Глобалната трговија се очекува да порасне за 3,3 отсто во 2024 година и за 3,6 отсто во 2025 година, што е далеку под историскиот просек од 4,9 отсто. Тие веруваат дека околу 3.000 трговски ограничувања, воведени во 2023 година, ќе влијаат на растот.
Ја потврдија октомвриската прогноза за вкупна инфлација годинава од 5,8 отсто. Тие ја намалија проценката за а во 2025 година, за 0,2 процентни поени, на 4,4 отсто.
Ако се исклучи Аргентина, инфлацијата би била уште помала, додава Гуриншас.
Од ММФ најмногу ја подобрија прогнозата за американската економија, која сега предвидуваат дека ќе порасне за 2,1 отсто во 2024 година, што е за 0,6 процентни поени посилно отколку што предвидуваа во есенските проекции. Во 2025 година би требало да забави до 1,7 отсто.
Гуриншас го припишува подобрувањето на изгледите за САД на фискалната поддршка и силната лична потрошувачка. ММФ го предупреди Вашингтон дека американските субвенции за домашните производители може да ги прекршуваат правилата за глобална трговија, додава тој.
Економијата на еврозоната годинава би требало да порасне за 0,9 отсто, нешто послабо од проценките на ММФ во октомври. Во 2025 година, растот треба да се забрза до 1,7 отсто, повеќе или помалку во согласност со прогнозите на ММФ од минатата есен.
За најголемата европска економија, онаа на Германија, ММФ предвидува минимален раст на БДП-то оваа година, за само 0,5 отсто, приближно половина помалку од она што се прогнозираше есента. Следната година растот би требало да се забрза до 1,6 отсто и, исто така, да биде послаб отколку што прогнозираа досега.
Кинескиот БДП треба да порасне за 4,6 отсто оваа година, 0,4 процентни поени посилен од октомвриската проекција. Во 2025 година растот би требало малку да забави, на 4,1 отсто.
Во групата набљудувани земји најмногу треба да порасне индиската економија, за 6,5 отсто оваа и следната година.
Најмногу е зголемена прогнозата за овогодишниот раст на руската економија, за 1,5 процентни поени, на 2,6 отсто. Според ММФ, активноста треба да забави во 2025 година, со прогноза стапка на раст од 1,1 отсто.