ММФ: Најлошото допрва доаѓа, можна е рецесија

Една третина од светската економија најверојатно ќе забележи пад оваа или следната година поради намалувањето на реалниот доход и порастот на цените, предупредува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во своите редовни есенски прогнози. Во САД, Кина и во еврозоната активноста речиси ќе стагнира, посочува економистот на ММФ, Пјер-Оливие Гуринчас.

Според него, овогодинешните шокови, гледани во целина, повторно ќе ги отворат раните во економијата кои само делумно зараснале по пандемијата. Накратко, најлошото допрва доаѓа и за многу луѓе 2023 година ќе има карактеристики на рецесија, додава тој.

Светската економија годинава ќе се зголеми за 3,2 отсто, ММФ ја потврди проценката од јули, а следната година активноста ќе забави, со проценета стапка на раст од 2,7 отсто, за половина процентен поен помалку од очекувањата летово.

Рекорднаta инфлација и стагнација на економскиот раст, состојбата со електричната енергија, нафтата и гасот, нарушениот пазар со храна, војната во Украина… се само делови од најновиот Извештај за глобалната финансиска стабилност на ММФ.

Доколку многу од ризиците се остварат, стапката на раст на глобалната економија би се намалила на еден процент, со речиси стагнирачки приход по глава на жител во 2023 година.

Европа ќе биде особено погодена од енергетската криза, нагласува економистот и предупредува дека шокот нема да биде привремен. Геополитичкото преуредување на снабдувањето со енергија по војната ќе биде екстензивно и трајно, порача економистот на ММФ.

Овогодинешната зима ќе биде предизвикувачка, но онаа во 2023 година веројатно ќе биде уште полоша, смета Гуринчас, нагласувајќи дека „ценовните сигнали“ ќе бидат клучни за ограничување на побарувачката на енергија и зајакнување на понудата.

Прогнозата на ММФ е дека во 2022 година глобалниот раст е непроменет – 3,2 проценти и забавување на 2,7 проценти во 2023 година.

Фондот за инфлацијата препорачува реакција на централните банки. Тие треба „одлучно да дејствуваат за да се справат со инфлацијата“ откако речиси веќе нема држава во која процентот на инфлацијата не е двоцифрен што донесе рекорд во последните неколку децении. Во Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика за последниот месец, инфлацијата е веќе 18,7 % на годишно ниво.

Намалениот и негативен раст има едно име – рецесија, намалено производство во однос на претходната година. Кризата ќе треба да се финансира, а како главен финансиер во такви глобални економски кризи е токму Меѓународниот монетарен фонд.

Македонија веќе доби аранжман од ММФ во висина од 530 милиони евра. Првите 110 треба да стигнат до крајот на месецот по завршување на сите процедури.

Проекциите за Западен Балкан се дека повеќето држави ќе се соочат со пад на Бруто домашниот производ, а само неколку држави ќе имаат низок раст.

Според предвидувањата на ММФ наредната година ќе биде една од 5-те најлоши години во половина век по економскиот раст.

Прогнозата на ММФ за Македонија е дека инфлацијата на крајот на оваа година би била 10,6 %, а би се намалила на 4,5 % догодина. Дефицитот на тековната сметка, според ММФ ќе биде 6,7 % (2022-ра година), а наредната 2023-та буџетскиот дефицит би се спуштил на 4,6 проценти.