Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF) маргинално ја зголеми прогнозата за растот на светската економија оваа година, со силен раст на активноста во САД и Кина и ослабена еврозона под притисок на зголемените трошоци за задолжување.
За годинава ММФ предвидува раст на светската економија од 3,2 отсто, само 0,1 процентен поен посилен од очекувањата во јануари, а со исто темпо би требало да расте и во 2025 година.
Зимските прогнози на ММФ ги опфаќаат само најголемите економии и групи на економии. За споредба, просечниот раст на светската економија во периодот од 2000 до 2019 година изнесува 3,8 отсто.
„Светскиот економски раст го достигна дното на крајот на 2022 година и се лизна на 2,3 отсто. Според нашите последни проекции за светската економија, растот ќе остане стабилен оваа и следната година, од 3,2 отсто“, напиша на блог главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуриншас.
Повеќето показатели продолжуваат да сигнализираат мало забавување на растот, нагласи претставникот на ММФ, додавајќи дека тие предвидуваат помалку „лузни“ во економијата по кризите во изминатите четири години, но со разлики од земја до земја.
„Оддржливиот раст и острото забавување на инфлацијата сигнализираат поволен развој на понудата, вклучително и омекнување на шоковите во цената на енергијата и извонредно закрепнување на понудата на работна сила, поддржано во многу напредни економии со силна имиграција“, забележува главниот економист на ММФ.
Според последните пресметки на ММФ, глобалната трговија со стоки и услуги би требало да порасне за три отсто во 2024 година и за 3,3 отсто во 2025 година, нешто послабо од предвиденото во зимскиот извештај. Историскиот просек изнесува 4,9 отсто.
Подзапрената еврозона
Најмногу ММФ повторно ја подобрува прогнозата за американската економија, за која сега се предвидува раст од 2,7 отсто оваа година, посилна за 0,6 процентни поени отколку што пресметаа во зимските проекции. Во 2025 година би требало да забави до 1,9 отсто.
Силниот раст на САД во последно време е одраз на солидна продуктивност и зголемена вработеност, но и силна побарувачка, објаснуваат од ММФ, додавајќи дека активноста е „прегреана“, што значи дека централната банка мора да биде внимателна при намалувањето на каматните стапки поради можно разгорување на инфлацијата.
Растот на цените би можел повторно да се забрза во еврозоната поради континуираниот силен раст на платите и тврдокорното силно зголемување на цените на услугите, но нема многу знаци на „прегревање“, посочуваат тие.
Економијата на 20-члената еврозона годинава треба да порасне за 0,8 отсто, прогнозираат тие, истакнувајќи дека шоковите од претходниот период и строгата монетарна политика ја попречуваат активноста. Во 2025 година растот ќе се забрза до 1,5 отсто.
Меѓу „големите“ економии во светот, највисок раст годинава очекуваат во Индија, со стапка од 6,8 отсто.
Кинескиот бруто домашен произвдо (БДП) оваа година би требало да порасне за 4,6 отсто, а во 2025 година растот би требало да забави до 4,1 отсто.
Руската економија годинава би требало да порасне за 3,2 отсто, пресметале во ММФ, зголемувајќи ја прогнозата за 0,6 процентни поени. Во 2025 година растот би требало значително да забави, на 1,8 отсто.