Многу демократи ја поддржаа Харис, но Пелоси и Обама не се изјаснија

Бројни американски демократи во неделата побрзаа да ја поддржат потпретседателката Камала Харис како партиска противкандидатка на Доналд Трамп, откако претседателот Џо Бајден се повлече од изборната трка, но не и некои моќни партиски луѓе, како што се поранешниот претседател Барак Обама и поранешната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.

Самиот Бајден ја поддржа својот потпретседател, но не со писмо во кое најави дека се повлекува од кандидатурата, туку во посебна изјава. По нив следеше влијателна група од црни конгресмени, некои моќни демократски претставници и сенатори, неколку клучни донатори и моќни активистички организации.

Поранешниот претседател Бил Клинтон и неговата сопруга поранешната државна секретарка Хилари Клинтон која неочекувани ги загуби петседателските избори од републиканецот Доналд Трамп во 2016 година, исто така ја поддржаа Харис.

Сепак, други, вклучувајќи ги Пелоси и Обама, му се заблагодарија на Бајден за неговиот патриотизам, но не застанаа зад Харис или кој и да е друг можен кандидат.

„Во наредните денови ќе пловиме по турбулентни води. Но, јас сум цврсто убеден дека лидерите на нашата партија ќе можат да дизајнираат процес кој ќе произведе одличен кандидат“, напиша Обама во изјавата..

Сенаторот Питер Велч, првиот демократски сенатор кој го повика Бајден да се повлече, повика на отворен процес на номинација за кандидатот на партијата.

Демократите треба да имаат „отворен процес за кој и да е номиниран, вклучително и Камала, да ја има зад себе силата на процесот што го покажува консензусот на партијата. На Демократската партија ѝ е потребна дебата за тоа кој може да продолжи таму каде што застана претседателот Бајден и да го победи Трамп“, рече Велч.

Претседателот на Демократскиот национален комитет, Џејм Харисон, најави дека партијата во наредните денови „ќе започне транспарентен и уреден процес за да се придвижи напред како обединета Демократска партија со кандидат кој може да го победи Доналд Трамп во ноември“.