Најновите изјави на некои од водечките европски политичари за можност за директна воена интервенција во украинскиот конфликт се „многу опасен тренд“, оцени во петокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Гледаме таква вербална ескалација од страна на официјални претставници, ја гледаме и на ниво на шефови на влади, кога станува збор за Франција, на повисоко ресорско ниво, кога станува збор за Велика Британија“, одговори портпаролот на рускиот претседател на барањето за коментар од новинарите акредитирани во Кремљ.
Францускиот претседател Емануел Макрон, имено, во интервју за британскиот магазин The Economist ја повтори својата идеја и не ја исклучи можноста од испраќање војници во Украина доколку руските сили ја пробијат украинската линија на одбраната и доколку такво барање дојде од Киев. Според Макрон, „многу земји о Европската унија“ се согласиле со таквиот пристап на Франција за можното испраќање војници на украинското боиште.
„Франција, претставувана од шефот на државата …. продолжува постојано да зборува за можноста за нејзино директно вклучување на терен во конфликтот околу Украина… Тоа е многу опасна тенденција. Ние многу внимателно ги следиме тоа“, истакна Песков.
Гласноговорникот на Кремљ ја нарече конкретната изјава на Макрон „многу важна“ и „многу опасна“.
Песков, истовремено ја коментираше и изјавата на британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон кој во текот на посетата на Киев рече дека Лондон го оправдува користењето на испорачаното британско оружје за изведување удари врз цели на територијата на Русија.
Во текот на посетата на Киев, Камерон рече дека Велика Британија ќе ѝ дава на Украина годишно околу 3,5 милиони евра за војната против Русија, колку долго и да биде потребно.
„Исто како што Русија напаѓа во внатрешноста на Украина, сосема можете да разберете зошто Украина чувствува потреба да ја осигури својата одбрана“, рече Камерон без да се осврне на потеклото на оружјето кое му се донира на Киев не само за одбрана, туку, како што вели сега и за напад врз територијата на Русија.
Шефот на британската дипломатија, кој се сретна со претседателот Володомир Зеленски во Киев, рече дека Русија го започнала нападот на Украина и оти Украина има право „апсолутно да ѝ возврати на Русија со иста мера“.
„Ова се директни ескалации на тензиите во украинскиот конфликт, што потенцијално може да претставува опасност за европската безбедност, за севкупната архитектура на европската безбедност“, изјави Песков.
Истакна дека Москва ја забележува опасната тенденција на притисок и ескалација на тензиите, што предизвикува загриженост.
Во тој контекст беше и изјавата на началникот на штабот на британската армија адмиралот Тони Радакин, дадена кон крајот на април во интервју за магазинот Financial Times кој изнесе уверување дека украинската војска ќе го употребува оружјето со долг дострел, што ѝ ги доставуваат Велика Британија и Франција а Германија сѐ уште се опира на барањето на Киев, вклучително и ракетите ATACMS со дострел до 300 километри кои претходно во април тајно САД го пренеле во Украина, за напади на руска територија.
Истовремено, од функционери од Вашингтон беше повторен американскиот став дека САД ги смета регионите Крим, Доњецк, Луганск, Херсон и Зашпорожје анектирани од Русија за суверена украинска територија на којашто украинската војска може да ги користи оперативно-тактичките ракети ATACMS. Сепак, повеќето американски функционери и воени аналитичари предупредуваат дека користењето на таквите оружја за гаѓање цели зад руската граница може да предизвика уште пожестоки руски удари врз целата територија на Украина, вклучително и користење оружја кои досега Москва не ги користела на боиштето.