Многу поволности со проектот „Купи куќа, купи стан“

Министерството за финансии попладнево во Битола ги презентираше условите и начинот за аплицирање за субвенционирани станбени кредити во рамките проектот „Купи куќа, купи стан“, пренесе МИА.

Според Ана Николова, претставник на Министерството за финансии, станува збор за проект кој им овозможува на сите лица што немаат доволно средства на најдобар и најефикасен начин да го решат проблемот со сопственото станбено прашање и обезбедат сопствен дом.

– За купување стан може да се користат два модели, односно со „пола рата“ добиј субвенција до 9.200 евра и со „пола учество“ заштеди до 9.250 евра. Со субвенцијата од моделот „пола рата“ Министерството за финансии плаќа 50 отсто од месечната рата, неповратни средства во првите 5 години од отплатата на станбениот кредит, додека со моделот „пола учество“, Министерството плаќа 50 проценти од учеството за купување на стан, неповратни средства, нагласи Николова.

На средбата со граѓаните, инвеститорите и банкарите, Николова ги појасни и поволностите предвидени за купување куќа, кои како што рече, предизвикуваат интерес кај граѓаните кои се одлучуваат да живеат во куќа.

– За купување куќа, исто така може да се користат два модели или можности со „75 отсто рата“ добиј до 14.000 евра субвенција за куќа и со „75 отсто учество“ за заштеда до 12.375 евра. Со субвенцијата од моделот „75 проценти рата“, Министерството за финансии плаќа 75 отсто од месечната рата, неповратни средства во првите 5 години од отплатата на кредитот и притоа каматните стапки изнесуваат 3,95 проценти за првите три години и 4,44 во четвртата и петтата година. Со субвенција пак според моделот „75 отсто учество“, министерството за финансии плаќа 75 проценти од учеството за изградба или купување на куќа неповратни средства. Воедно со повластените каматни стапки се заштедуваат дополнителни финансиски средства, појасни Николова.

Министерството за финансии ја претстави и можноста за „надгради, догради куќа“, односно моделот „75 проценти рата“ и „75 проценти учество“ во кои исто така е предвидена ефикасна субвенција и поволности.

– За аплицирање пред банките, заинтересираните семејства, односно брачните партнери може да имаат вкупни месечни примања плати до 1.300 евра, или доколку не се во брак, платата да е до 900 евра. Цената на станбениот објект што се купува или гради да не надминува 900 евра за метар квадратен, да не е подигнат и друг станбен крадит и други поволности за што Министерството за финансии обезбедува навремени информации и инфо-публикации за секој што е заинтересиран да ги искористи поволностите од проектот „Купи куќа, купи стан“, истакна Николова на попладневната средба со битолчани што се одржа во малата сала на битолскиот Центар за култура.

Карванот за „Купи куќа, купи стан“ ќе продолжи и во другите градови и презентации ќе бидат одржани во Прилеп, Гевгелија, Струмица, Штип, Тетово, Велес и Куманово.

ФОТО: МИА