Во празнично продолжениот викенд, до понеделник ќе се задржи многу топло време. Пад на температурата за неколку степени се очекуваат од вторник – информира Управата за хидрометеоролошки работа (УХМР).
УХМР за утре (сабота) најавува сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Попладне во јужните делови ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Температурите ќе се движат во интервал од 30 до 38 степени. Во Скопје сончево и многу топло со мала облачност. Во охридско-преспанскиот регион ќе биде малку посвежо со температури од 16 до 30 степени и со услови за дожд во текот на денот.
Топлото време ќе се задржи и во недела, со мала до умерена облачност и температури од 32 до 38 степени.
За понеделник метереолозите најавуваат сончево и многу топло време. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, кој долж Повардарието ќе засилува. Кон крајот на денот ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Температурите ќе достигнат од 33 до 38 степени.
Во понеделник кон крајот на денот и во вторник се очекува променливо облачно и нестабилно време со повремен пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Дневните температури од вторник ќе опаднат за неколку степени и ќе се движат од 28 до 34 степени – информира УХМР.