По фреквентно нагласуваната позиција на Социјалдемократите за нивниот предлог за пропорционален изборен модел со една изборна единица и дека со него ќе се демократизира Македонија а помалите партии би добиле свој претставник во Парламентот, доброупатените во оваа област веќе почнаа со анализата и калкулациите дали во случајот на Македонија тоа е навистина така.
Поранешниот член на Државната изборна комисија Александар Даштевски за весникот Дневник, изјавил оти не му е јасно зошто се предлага овој модел, како ќе се зајакне парламентарната демократија и како ќе се изедначи гласот на секој граѓанин. Според него, во овој модел морало да се воспостави праг кој ќе мора да го исполни секоја од партиите вклучително и помалите. Земајќи ги за пример изборите во 2014-та и фактот што во Македонија има запишано милион и 780 илјади бирачи, Даштевски заклучува дека помалите партии воопшто не би обезбедиле доволен број гласови за да се надеваат на свој претставник во Законодавниот дом. Земајќи ги за пример последните три изборни циклуси Парламентарните во 2014-та и 2011 и Локалните во 2013-та година,и излезноста која се движела околу 60 проценти или 1,1 милион гласови, Даштевски го утврдува следново.
Изборниот праг за да се влезе во распределбата на пратеничките места во различни држави се движи од три до пет отсто. Според предлогот на СДСМ тоа би значело дека за една партија да влезе во парламентот ќе биде потребно да освои изборен праг од над 33 илјади гласа. Според сегашните резултати тоа ни една од помалите партии нема да може да го достигне. Дури ни ГРОМ немаше да освои пратеничко место во Собранието иако имаше најмногу гласови од партиите кои не се дел од водечката четворка. Оваа партија, илустрира Даштевски за Дневник, на изборите во 2014-та освоила 2,82 насто од гласовите или 31 610 гласа и според сегашниот систем има освоено пратеничко место благодарение на тоа што постои поделба на изборни единици. Даштевски смета дека дури и без изборен праг малите партии ќе треба да обезбедат 11 илјади гласови што е уште повисок просек од сегашниот со кој се добива пратеничко место а кој се движи меѓу 8 и 10 илјади.
Ќе се гласа за личности, не за партии
Предноста на мнозинскиот изборен модел како позитивен модел кој обезбедува најдобра демократска репрезентативност ја објаснува исто така за весникот Дневник Илија Димовски. Според него изборниот модел кој денеска постои во Македонија има слабост со перцептивноста дека е модел по кој граѓаните гласаат за политички партии, а не за личности.
Често може да слушнете дека граѓаните кои гласале за некоја партија не знаат точно кој е нивниот пратеник во Собранието и не знаат со кого точно треба да разговараат за да ги застапува нивните интереси. Дополнително, проблем е непостоењето на локализација на изборот на пратеник бидејќи во цела изборна единица гласаат за иста листа, па така еден пратеник од Крушево формално според тоа кој гласал за неговата листа, е и пратеник на граѓаните од Дебар, Кичево, Лабуништа, Струга, Ресен, смета Димовски во колумната за Дневник насловена како Граѓаните да знаат за кого да гласаат.
Од друга страна мнозинскиот изборен модел значи гласање за човек кој со своето минато и својот капацитет дава гаранција за квалитетно и успешно застапување во Собранието. Граѓаните треба да знаат за која личност гласаат и треба да знаат на кого да се обратат за да ги застапува нивните интереси, вели во колумната Димовски. Впрочем, ако една политичка партија нема квалитетни кандидати со кои ќе биде сигурна дека ќе може да победи на избори, тогаш како граѓаните треба да веруваат дека таа политичка партија има капацитет да состави Влада и да ја раководи државата. Дополнителните 17 места во Собранието не се измислица во Македонија, туку постојат во неколку европски држави каде што има шаренолика политичка сцена (како во Македонија) и тие места служат за гаранција дека државата нема да биде во континуирана политичка нестабилност и нема да биде подложна на континуирани уцени и барања од помалите политички субјекти, образложува Димовски.