Повеќето Британци сакаат да остане монархијата, но кралот Чарлс Трети ја нема поддршката кај младите, покажува новото истражување на јавното мнение, од кое резултатите се објавени во понеделникот на помалку од две седмици пред неговото крунисување.
Според истражувањето на YouGov, 58 отсто од испитаниците рекле дека поддржуваат монархијата да остане, 26 отсто би сакале да имаат избран претседател на државата, а 16 отсто немаат оформено мислење за тоа.
Меѓутоа, испитувањето кое го нарачал јавниот радиодифузер BBC пред крунисувањето на 6-ти мај, покажува и дека само околу третина од младите ја поддржуваат монархијата, а 38 отсто попрво би се определиле за избран шеф на државата.
Младите Британци се многу индиферентни во однос на монархијата. Повеќе од три четвртини од младите на возраст од 18 до 24 години рекле дека „не ги интересира“ кралското семејство.
Поддршката за кралското семејство е најголема меѓу повозрасните. Во возрасната група од 50 д 64 години има поддршка од 67 отсто од испитаниците, а меѓу повозрасните од 65 дури 78 отсто.
Покрај тоа, 45 отсто од испитаниците од 4.592 опфатени со анкетата, изјавиле дека мислат дека кралот Чарлс Трети не ги сфаќа британските граѓани, а 36 отсто мислат дека има разбирање за своите поданици.
Во прилогот се наведува дека тогашниот принц од Велс, во 1970-те година ја основал фондацијата којашто до 2020 година им помогнала на милиони сиромашни млади луѓе на возраст од 11 до 30 години. Покрај тоа, целиот живот се залага за заштита на природната околина и во борбата против климатските промени.
Меѓутоа, се забележува дека имајќи предвид дека Британците се погодени со тешката криза на високите животни трошоци, трошоците на кралското семејство се одразуваат на нивната популарност, особен меѓу младите.
Некои од нив имаат приговори и поради цената на церемонијата на крунисувањето, што го плаќа владата. Имено, крунисувањето на покојната кралица Елизабета Втора во 1953 година чинело 20,5 милиони фунти во денешен износ.
Кралското семејство „е добра вредност“ според 54 отсто од испитаниците. Така мислат 36 отсто од младите учесници во истражувањето, а 40 отсто од нив сметаат дека не е.