Мнозинството граѓани на Германија сметаат дека испраќањето оружје германско оружје на Украина значи дека нивната земја учествува во војната, покажуваат резултатите од испитување на јавното мнение.
Според анкетата којашто за германската службена новинска агенција DPA ја спровел институтот за испитување на јавното мнение YouGov, 51 отсто од испитаниците се согласуваат со тврдењето дека испораките на германски оружје за Украина во нејзината војна против Русија е вмешување на земјата во конфликтот, додека 37 отсто не се согласуваат со тоа тврдење.
Некои западни правни експерти тврдат дека испраќањето оружје за некоја од завојуваните страни не ја прави државата која го испраќа оружјето учесничка во војната, независно за какво оружје станува збор. Русија, пак, повикувајќи се на меѓународното право вклучително и мерките за ембарго на извоз на оружје во некои земји, тврди дека испораките на оружје значи и учество во војната. Притоа некои аналитичари потсетуваат на протестите и заканите од САД и НАТО за Иран и Кина за нивно наводно испорачување оружја на Русија што според Вашингтон и Брисел би значело нивно учество во војната, без разлика кој во не се смета за агресор.
Жителите на Германија една година по избувнувањето на украинската војна се скептични во однос на испраќањето оружје, а 40 отсто од анкетираните сметаат дека досега премногу оружје е испратено до Германија во Украина. Дека досегашната воена поддршка е недоволна сметаат само 22 отсто од испитаниците, а 23 отсто сметаат дека е токму толкава колкава би требала да биде.
На планираната испорака на борбените тенкови „Leopard 2“ се противат 44 отсто од Германците, а 41 отсто ја поддржуваат. Германската влада до крајот на март планира да испрати 18 такви тенкови на украинскиот фронт, и вели дека обучува украински војници за нивно користење.
Германија по долго колебање под притисокот на западните сојузници отстапи од својата децениска политика, произлезена од нејзината темна историја во двете Светски војни, да испорачува оружје во зоните на конфликт. Така на почетокот од годинава објави дека покрај противтенковските и противвоздушните системи ќе му испорача на Киев и современи офанзивни тенкови „Leopard 2“ и им одобри реекспорт на другите земји кои ги поседуваат.
Во мај минатата година вештачењето на Научниот одбор на Бундестагот, покажа дека обуката на украински војници во ракувањето со западните вооружувања и тоа на територијата на Германија според меѓународното право може да се третира како учество во самата војна
„Постои научен консензус за тоа дека самата испорака на оружје не претставува чин на влегување во воените случувања. Но кога испораката на оружје ќе се поврзе со обуката врзана со испорачаното оружје можеме да говориме за напуштање на сферата не неучество во војна“, беше наведено тогаш во вештачењето на стручниот одбор на германскиот парламент.
Според неодамнешните статистички податоци кои ги објави Институтот за светска економија (IfW) од Кил, Германија според вкупната воена поддршка за Украина е на четвртото место, зад САД, Велика Британија и Полска. Но кога се гледа соодносот на воената помош и економските резултати, и помалите земји, особено од Источна Европа се пред Германија.