Одлуката на Бугарија да ги затвори границите за македонските граѓани поради ширењето на коронавирусот може да предизвика сериозен застој во интензивната комуникација на граѓаните од двете земји, па затоа ние сме во постојана комуникација со бугарските колеги и инсистираме постојната мерка да биде заменета со нова одлука со којашто нашите државјани ќе можат да влезат во Бугарија со сертификат за извршена вакцинација или прележана болест, но и со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа.
Ова го соопшти македонското Министерство за надворешни работи (МНР), откако Бугарија донесе одлука од среда да ги спушти рампите за македонските граѓани поради тоа што доаѓаат од земја која се наоѓа во црвената ковид-зона.
„Информираме дека Министерството за надворешни работи на Северна Македонија е во постојана комуникација со надлежни институции во Република Бугарија и со колегите во бугарското Министерството за надворешни работи, со цел замена на постојното решение кое може да предизвика сериозен застој во интензивната комуникација на граѓаните од двете земји. Информираме дека до стартот на имплементацијата на целосна забрана на 19 јануари, очекуваме напорите да вродат со плод, и постојното решение да биде заменето со нова одлука со која нашите државјани ќе можат да влезат во Република Бугарија и за таканаречените не-есенцијални потреби, и тоа со сертификат за извршена вакцинација или прележана болест, и негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа“, соопшти МНР.
Во било кој случај, наведено е таму, условите за влез на малолетни лица од 12 до 18 години исто така се променети, и тие исто така ќе треба да ги приложуваат горенаведените документи при влез.
„За лица кои не ги почитуваат опишаните правила, следува 10 дневен карантин. Ги предупредуваме граѓаните кои планираат да патуваат во Република Бугарија од задутре 19 јануари па натаму, внимателно да ги следат официјалните објави од Министерството за надворешни работи, со цел да не се доведат во ситуација да бидат вратени од страна на пограничните власти во Бугарија“, се вели во соопштението.