МНР: Бугарија дозволи радикални поединци да дојдат до Деве Баир

И покрај искажаната волја, Република Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција на Македонија, се вели во денешното соопштение на македонското Министерство за надворешни работи.

МНР смета дека чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев помина во најдобар ред и без нарушување на јавниот ред и мир, со овозможен пристап на бројни официјални и граѓански делегации од Македонија, вклучително и на официјалната делегација на Бугарија и на бугарски граѓани, да му оддадат почит на великанот.

„Сепак, со жалење, констатираме дека радикални поединци, претставници на организации и политички партии во Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон Република Северна Македонија и континуирано го нарушуваат достоинството на македонските граѓани, македонскиот народ и нашата држава.

Укажуваме дека во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и законите, како и на меѓународното право, надлежните институции на Северна Македонија се должни и ги преземат сите неопходни мерки да се спречат провокации, тензии и инциденти кои можат да ја загрозат националната безбедност, јавниот ред, здравјето на луѓето и меѓународните односи на државата.

Согласно со утврдените протоколи за работа, и стандардите на ЕУ за безбедно управување со границите, дел од овие лица кои го нарушија јавниот ред и мир од поголем обем, беа приведени и изведени пред надлежен суд кој изрече соодветни мерки.

Истовремено, Министерството за надворешни работи ќе упати писмо до Европскиот парламент во кое ќе информира за недоличното и навредливо однесување на бугарскиот европратеник, Александар Јорданов на социјалните мрежи.

Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија ги демантира наводите дека со Република Бугарија било договорено заедничко чествување на Гоце Делчев. Потсетуваме дека една од задачите на заедничката експертска комисија за историско – образовни прашања, формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, е да изготви препораки за заедничко чествување на историски личности. До овој момент, заедничката комисија нема изготвено препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев.

Истовремено, на официјалната бугарска делегација предводена од вице-премиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, како искрен и последователен гест ѝ беше овозможено непречено да положи цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спасво Скопје.

Република Северна Македонија во континуитет негува добрососедски односи и се залага за воспоставување на одржливи пријателски односи и продуктивна соработка со сите соседни држави, вклучувајќи ја и Република Бугарија. Во склад со овие определби, очекуваме од властите во Република Бугарија, во духот на пријателството и добрососедството, принципиелно да се заложат и да ги преземат сите неопходни дејства за деескалација на тензиите преку јавна осуда и преземање мерки против сите дејства кои не придонесуваат за водење на конструктивен и добронамерен дијалог базиран на меѓусебно уважување и почитување“, соопшти МНР.