Министерството за надворешни работи ќе го повика на разговор бугарскиот амбасадор во земјава, Жељаско Радуков за излегувањето од рамки на протоколот при средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со колегата Румен Радев, кога се дозволи фотографирање во просторија каде што го немаше нашето државно знаме. Не се исклучува ниту врачување протестна нота.
И од кабинетот на Сиљановска најавија дека ќе бараат објаснувања од бугарска страна.
„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“, велат од Кабинетот на Сиљановска Давкова.
СДСМ со жестоки критики. Партијата обвини дека се поткопуваат меѓународните позиции на државата. Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, уверуваат дека ги бранат државните интереси.
„Не се потребни лекции од партија која кога беше на власт ја воведе државата во безброј дипломатски кризи и меѓународни понижувања. За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ стои цврсто зад националните интереси на Македонија и продолжува да ја води државата кон патот на достоинството и гордоста“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, други дипломати од Скопје коментираат дека посетата на Сиљановска на Софија не била официјална и не била на покана од бугарска страна, поради што средбата во Претседателството во Софија била неформална и не барало поставување на знамето на земјата според протокол.
Претседателката во петокот престојуваше во Софија на изведбата на операта „Набуко“ на Националната опера и балет на соседната земја. Таа беше придружувана од министерот за култура Зоран Лутков и од министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.