
Министерството за надворешни работи ги осудува инцидентите во четвртокот во Скопје, пред, во текот и по фудбалскиот натпревар меѓу скопскиот Шкупи и софискиот клуб Левски.
Повредениот бугарски државјанин е третиран професионално и со соодветна грижа; во моментов тој се наоѓа во стабилна, но тешка состојба, и по хируршкиот третман закрепнува во болница во Скопје. Претставници на бугарската амбасада се во постојан контакт со повредениот бугарски државјанин и неговите роднини, како и со локалните здравствени власти.
Надлежните органи на Република Македонија веќе ги презедоа и ќе продолжат да ги преземаат неопходните мерки за ефективна истрага и гонење во врска со настанатите инциденти.
„Како што и порано во неколку наврати имаме посочено, Македонија е слободна земја и добредојдени се сите оние кои сакаат да ја посетат земјава; привилегија која не подразбира дека е прифатливо од овде да се искажуваат навреди, особено не тези кои подразбираат територијални претензии и/или негирање и навреди по основ на етнички, религиски или други идентитетски основи.
Како и порано, прекршувањето на овие правила ќе биде соодветно адресирано од страна на надлежните институции, а на ваквите поединци ќе им биде ограничена привилегијата за присуство во земјава.
Македонија и Бугарија се добри соседи кои политичките разлики ги надминуваат со дипломатски средства, негувајќи ја културата на добрососедски дијалог.“, се вели во соопштението.