Министерството за надворешни работи, во текот на вчерашниот ден, стапило во контакт со Министерството за надворешни работи на Република Србија, при што упатило реакција со осуда за провокативните навреди и пароли демонстрирани за време на натпреварот меѓу РК Партизан и РК Вардар во Белград од страна на навивачката група на РК Партизан.
-Со овие непријатни активности освен што беа погазени принципите за фер и спортско однесување, беа длабоко повредени достоинството на Република Северна Македонија и нејзините граѓани. Министерството укажа дека ваквите реакции од групи поединци воопшто не се во духот на одличните билатерални односи кои ги негуваат двете земји.
Српската страна, преку својата Амбасадорка во Северна Македонија, изрази жалење и се огради од овие изолирани случаи на поединци кои на никаков начин не ги отсликуваат позициите на официјален Белград во однос на нашата земја, ниту пак се во духот на заемните заложби за јакнење на севкупни билатерални односи меѓу двете земји, се вели во соопштението.