МНР контра МВР на Спасовски: Најбезбедно е да се патува со валидни, неистечени пасоши

МНР испратило известувања до сите држави за продолжениот рок на пасошите чиј рок на важење е истечен (односно кој истекува по 31 јули 2020 година), но и покрај тоа дел од државите не прифаќаат овие патни исправи да ги сметаат за валидни.

Поради недоумицата кај граѓаните, кои не се сигурни дали е паметно да патуваат со вакви документи, „А1он“ побарале одговор од МНР.

„За жал, и покрај сите напори што Министерството за надворешни работи постојано ги вложува, сепак има држави што потешко се адаптираат на овие промени и ваквите исправи не ги третираат во целост соодветно со измените на законот. Затоа, ги информираме сите граѓани дека најсигурниот начин за патување во странство е со патна исправа на која не ѝ е истечен рокот на важење“, одговориле од министерството.

Но, МВР на Оливер Спасовски друго ги убедуваше граѓаните. Тие ја информираа јавноста дека истечените пасоши ќе важат до крајот на годинава, што во пракса се покажа како невозможно. Со истечен пасош низа држави НЕ примаат македонски граѓани.

„Министерството за внатрешни работи ги известува државјаните на Република Северна Македонија дека согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 122/2021 на 03.06.2021 кој стапи на сила на 11.06.2021, а ќе отпочне со примена од 01.07.2021, важноста на пасошот, дипломатскиот пасош и службениот пасош, чиј рок на важење е истечен, односно истекува по 31 јули 2020 година, се продолжува до 31 декември 2021 година.
Имено, измената на Законот за патни исправи е направена со цел да им се излезе во пресрет на потребите на голем број наши граѓаните кои поради пандемијата, рестриктивните мерки, карантините и другите отежнати услови, во нашава земја, но и надвор од неа, во дијаспората, беа спречени навремено да ги продолжат своите документи“ – информираа од МВР на 16-ти јуни годинава.

МНР со официјална изјава која ги побива тврдењата на МВР. За граѓаните е најбезбедно да патуваат со пасоши чиј рок на важење НЕ Е ИСТЕЧЕН.