Во врска со последните случувања на конститутивните седници на советите на општина Штип и општина Аеродром, Министерството за надворешни работи изразува загриженост од, како што наведува во соопштение, постапките на дел од советниците избрани на последните локални избори во врска со потпишувањето на свечената изјава согласно Законот за локалната самоуправа, и повикува на доследна примена на уставните и законските одредби за името на државата.
– Со Законот за ратификација на Конечната спогодба, Одлуката за прогласување на амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и ХХХVI на Уставот на Република Македонија и Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија од јануари 2019 година, уставното име на државата е Република Северна Македонија и дека сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат Уставот на Република Северна Македонија и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот. Имено, секаде каде што името Република Македонија е наведено во законите и подзаконските акти на државните органи и единиците на локалната самоуправа, вклучително и во свечената изјава, од денот на влегување во сила на горенаведените акти се користи уставното име Република Северна Македонија – се наведува во соопштението на МНР.
Министерството за надворешни работи, се додава, следејќи ги ваквите појави по завршувањето на локалните избори и при конституирањето на определени совети во општините, повикува на доследна примена на уставните одредби во согласност со Преспанскиот договор, имајќи предвид дека непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија.
Истовремено, од МНР упатуваат апел до надлежните институции и особено до Министерството за локална самоуправа, соодветно да реагираат согласно нивните надлежности, бидејќи согласно член 3 од Законот за ратификација на Конечната спогодба „…сите други органи на државната управа во чиј делокруг спаѓаат прашањата опфатени со спогодбата се определуваат како надлежни органи што ќе се грижат за извршување на спогодбата…“
– Воедно, упатуваме апел и до сите советници во општините доследно да го почитуваат Уставот на Република Северна Македонија, како што е наведено и во самата свечена изјава – стои во соопштението од МНР.