И 24 часа после вчерашната експлозија во Истанбул, Министерството за надворешни работи и нашите претставништва во Турција нема информации за директно настрадани или повредени македонски државјани во инцидентот, соопшти денеска МНР.
Министерството информира дека по експлозија во Истанбул, преку Генералниот конзулат во Истанбул и Амбасадата во Анкара, е во постојана комуникација и со надлежните органи на Турција и со заинтересираните граѓани од земјава.
– Во меѓувреме една наша државјанка која се наоѓала во близина на инцидентот, пријави во нашиот Конзулат дека индиректно се стекнала со полесни повреди предизвикани од турканиците настанати при оддалечување на луѓето од местото на експлозијата. Информираме дека без поголеми повреди, таа е веќе вратена во земјава, информира МНР.
Од таму додаваат дека нашите претставништва остануваат во контакт со институциите на Турција, како и со загрижени граѓани и економските субјекти кои организираат патувања во Истанбул.
Од МНР посочуваат на контактите каде граѓаните можат да се обратат за било каква информација или асистенција: +905456149777 во Истанбул и +38975273732 во Скопје.