МНР предупредува: Граѓаните да бидат внимателни утре во Грција

Министерството за надворешни работи ги предупредува граѓаните да бидат внимателни ако патуваат во Грција, каде ќе се одржуваат митинзи против договорот со Македонија за користење на нејзиното уставно име.

Се информираат граѓаните на Република Македонија кои утре, 6 јуни 2018, ќе бидат или планираат да патуваат во Грција, дека грчката организација „Комитет за борба за грчкиот карактер на Македонија“, најавува протести во четиринаесет поголеми градови во Северна Грција против употребата на зборот „Македонија“, што ќе се одржат истиот ден (среда, 6 јуни) , со почеток во 19.30 часот.
Заради потенцијалната можност од ескалација на протестите, се предупредуваат граѓаните на Република Македонија да ги избегнуваат местата на нивно одржување, како и од секакви реакции кои би имале негативни последици по нивната безбедност.