„Ние сметаме дека на ваквите прашања треба да им се пристапува преку дијалог и со советодавна и експертска асистенција на меѓународната група експерти за комерцијалните имиња, трговските марки и заштитни знаци. Унилатералниот пристап може да доведе до подривање на меѓусебната доверба и да има негативно влијание врз досегашните напори и постигнати резултати меѓу двете држави“, стои во соопштението на МНР.
Слоганот „Macedonia the Great“, го презентираше лично грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на самитот во Солун.
Вчера во Солун од Здружението на извозници на Грција, во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, беа презентирани новата колективна трговска ознака и слоганот со кои грчките производи од грчката област Македонија, односно т.н. македонски производи, ќе бидат пропратени на меѓународно ниво. Станува збор за слоганот „Macedonia the GReat“, со потенцирани букви ГР како кратенка за Грција и буквата „М“ како ознака, испишани со бело на сина позадина.
Овој потег наиде на бурни реакции во македонската јавност, но и 24 часа подоцна, нема никаква реакција од македонската страна, од преговарачкиот тим, Министерството за надворешни работи или било кој од функционерите, што според политичкиот аналитичар Арсим Зеколи е вистинскиот проблем.
Гестот на Грција со „Macedonia is GReat“ е понижувачки. Но поголем проблем е што нашето водство-преговарачи мува не ги лази да дадат оставка или бидат сменети. Со што се дава на знаење до Атина дека што и да покренат, од наша страна ќе има едно 24 часа џав-џав и никаква реакција, пишува аналитичарот.