
По објавените податоци од страна на Стејт департментот дека процентот на одбиени визи заМакедонија во 2022 година изнесувал 26,29 проценти, Министерството за надворешни работи попладнево соопшти дека е започнат процес за присоединување на земјава кон Програмата за САД за безвизен режим (Visa Waiver Program). Високиот процент на одбиени визи од безмалку 30 проценти, според МНР, се должи на несоодветните апликации, за што планира наскоро да започне кампања за едуцирање на граѓаните.
Оттаму дополнуваат дека процесот на укинување визи за влез на државјаните на Македонија во САД е долгорочен и комплексен и оти налага континуирани активности на што, потенираат, посветено работиме.
„Воедно приклучувањето на Северна Македонија во Програмата за безвизен режим стана дел од Стратешкиот дијалог со САД и е меѓу проектите во Акцискиот план, што беше усвоен на владина седница во февруари оваа година. Постигнувањето на оваа цел ќе биде од бенефит за економскиот развој на земјава, а ќе внесе и дополнителен импулс за зајакнување на билатералните односи и стратешкото партнерство, како и доближувањето на народите од двете земји“, соопшти Министерството за надворешни работи.