МНР: ВМРО-ДПМНЕ да не создава конфузија во јавноста на етничка основа

-Заради почитта кон нашите сограѓани, кои во овие денови очекуваат да добијат мир и спокојство за достоинствено да ги одбележат велигденските празници, Министерството за надворешни работи (МНР) се воздржа од коментирање на непристојното однесување од страна на ВМРО – ДПМНЕ. Сепак, во интерес на вистината, дозволете во целост ги демантираме информациите за несоодветна примена на Законот за употреба на јазиците за време на средбите и/или прес конференцијата со министерот за надворешни работи на Кралство Шпанија, Хозе Мануел Албарез Буено, пишува во реакцијата на МНР на денешната прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ.
„Примената на Законот за јазици на сите настани што се организираат од страна на Министерството за надворешни работи, кои патем се чести, јавни, и многубројни, е секогаш соодветно имплементирана. На секој настан министерот се обраќа пред домашната јавност на двата службени јазици дефинирани според Уставот и Законот за јазици, при што министерството обезбедува превод, соодветно достапен за присутните медиуми. Напоменуваме дека употребата на службените јазици на Република Северна Македонија е материја која е регулирана со закон, каде прецизно е дефинирана употребата на службените јазици на земјава, и истата треба соодветно да се применува без притоа да биде предмет на политичка пресметка. Со оглед дека настаните и прес конференциите се јавна работа, ги повикуваме ВМРО–ДПМНЕ да ги поткрепат тврдењата со некаков доказ, запис или снимка; во спротивно, да покажат почит кон вредностите кои ги застапуваат и јавно да се извинат за непотребното создавање конфузија во јавноста на етничка основа“, реагираат од МНР.
Претходно денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара оставна од министерот за надворешни работи Бујар Осамни поради како што рекоа оттаму на официјалната средба со министерот за надворешни работи на Кралство Шпанија, Хозе Мануел Албарез Буено, зборувал на албански јазик.