Министерството за надворешни работи вчера врачи вербална нота до бугарското МНР во која најостро ги осудува написите „Македонија е Бугарија“, кои можеа да се видат во рацете на дел од пратениците завчера за време на заседанието по првата точка во бугарското Народното собрание, но и усно пренесени од говорницата за време на истата седница.
-Таквите пораки се спротивни на европските демократски вредности, но и спротивни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот, се наведува во вчерашното соопштение на МНР.
Во соопштението се посочува дека земјава очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Македонија, како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава.
МНР на Бугарија, пак, вчера соопшти дека е подготвено да продолжи со потпишувањето на Протоколот, согласно член 12 од Договорот за пријателство и добрососедство со Република Македонија.
Како што јави МИА од Софија, ваквото соопштение на бугарското МНР следи по вчерашната одлуката на Народното собрание на Бугарија со која се дава зелено светло на предлогот на француското претседателство за почеток на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ.
Во соопштението се вели дека „е време одговорните фактори во Република Северна Македонија, не со зборови, туку со дела, да ја покажат својата посветеност и желба за сопствената и европската иднина на регионот“.
-Брзината со која Република Северна Македонија ќе пристапи кон членство во ЕУ зависи од неа и нема да се одложи доколку земјата ги исполни преземените обврски во однос на европските вредности и добрососедските односи, се наведува во соопштението на бугарското МНР.
На непотпишаниот протоколот вчера реагираше и бугарската вицепремиерката во оставка и лидерка на социјалистите Корнелија Нинова, која во интервју за БНТ истакна дека пратениците на Бугарската социјалистичка партија (БСП) се воздржаа од гласање во Собранието за одлуката по „францускиот предлог“, бидејќи со неа не се испочитувале целосно нивните т.н. црвени линии за спроведување на билатералниот договор за соработка. Таа изјави дека во одлуката се вели оти преговорите ќе започнат откако Скопје ќе го промени Уставот и ќе ги вклучи локалните Бугари во него, што според неа е добар предлог, но сепак, тој се однесува на билатерален протокол кој не е потпишан.
Народното собрание на Бугарија во петокот го одобри документот познат во јавноста како „француски предлог“ за деблокада на европскиот пат на Северна Македонија. Со одлуката и се дава зелено светло на Владата во оставка на премиерот Кирил Петков „да ги одобри преговарачка рамка и заклучоците предложени од француското претседателство со Советот на ЕУ за решавање на сложените односи меѓу Бугарија и Северна Македонија ако се исполнат неколку услови“. При тоа се бара: ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, гаранција за правата на Бугарите во Република Северна Македонија преку нивното вметнување во Уставот, ништо во пристапниот процес на РСМ да не биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија и гаранции од ЕУ дека сето ова ќе биде исполнето.