Извлечени се 15-те најсреќни добитници на награда од по 100 илјади денари, кои скенирале фискални сметки во текот на април, мај и јуни.
Како што информираат од Министерството за финансии станува збор за Валентина Ѓуроска, Нацо Запров, Јуле Тасевска Марков, Наталија Грчева, Сузана Антовска, Слаѓана Јовческа, Виолета Георгиева, Славица Димоска, Сузана Димитрова, Ивица Јаначков, Наталија Велиновска, Влатко Масалковски, Мухамед Мамуди, Јасмина Каранфиловска и Ванчо Ѓорѓевски. Тие беа извлечени во саботата, во вечерниот термин на Канал 5 ТВ.
Петмина од наградените во петтото коло се од Скопје, по двајца добитници се од Струмица и од Битола и по еден од Прилеп, Гостивар, Охрид, Крива Паланка, Струга и Тетово.
Од Министерството за финансии велат дека во останатите кола до крајот на годината, односно од август до декември, месечните награди ќе изнесуваат 20.000 денари и секој месец ќе се доделуваат по 15 награди.
Инаку граѓаните, преку МојДДВ #МојаНаграда, од први јули, скенираат сметки за три пати повеќе дневни награди од порано, односно до крај на годинава секој ден ќе се доделуваат 30 награди од по 1.000 денари.
Извлекувањето на втората премија, ќе се одржи во декември, а ќе изнесува 1.000.000 денари, наместо 3.000.000 денари, како што беше првично планирано.
„Доделување на повеќе дневни наградни, но во помал износ во овој период ќе претставува мотив за граѓаните да скенираат фискални сметки и да влијаат на намалувањето на сивата економија. Дополнително намалувањето на износите на месечните награди како и главната награда ќе овозможи сепак да продолжи наградната игра со поставените цели, но со помали износи на награди што пак ќе овозможи одвојување на одредени средства за поддршка за Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Ковид-19“, велат од Министерството за финансии.
При тоа 9,7 милиони денари од наградниот фонд, како што посочуваат, ќе се насочат кон солидарните фондови на Министерството за здравство и Владата за здравствени и социо-економски мерки.
Во првото полугодие годинава скенирани се над 85 милиони фискални сметки.