Мој интерес, но и на државата, е да расчистиме еднаш засекогаш со криминалот и корумпираните политичари, изјави Мицкоски

-Борбата со корупцијата и криминалот претставуваат врвен приоритет. Нормално е за сопствената држава и сопственото општество, малку повеќе да се грижам од било која друга администрација од светот, вклучувајќи ја и американската. Ценам дека како човек во средни години и универзитетски професор, педагог и човек кој што ја предводи најголемата политичка партија, дека треба во резолутна борба да се вклучам со криминалот и корупцијата кој, за жал, во изминативе шест години доживеаја пандемски размери, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Гласот на Америка.

Тој додава: „Мораме тука да бидеме искрени и отворени, да ги погледнеме работите онакви какви што се. Често пати во јавноста имаме дебата за тоа какви реформи се потребни. Една реформа треба да се аплицира, а тоа е политичката, политичката волја, да се стави крај на криминалот и корупцијата. Политичарите да бидат политичари во коалиција со народот, а не во коалиција со криминални или полу-криминални структури, без разлика дали се од подземјето или е бизнис-економскиот криминал“.

Според него, политичарите треба да бидат имуни на ваков тип на контакти и врски и треба да се посветат да истите тие луѓе кои што одлучиле да се занимаваат со криминал да бидат дел од борбата што идната влада на ВМРО-ДПМНЕ би ја водела, односно да се спречи било каков контакт со било какви криминални структури.

„Да ја сумирам долгата приказна: ценам дека мој личен интерес, но и интерес на државата, малку поголем од интересот на било кои други стратешки партнери и странски администрации, е да расчистиме еднаш засекогаш со криминалот и корумпираните политичари во Македонија“, рече Мицкоски.