„Мојот маж“ на Југословенското драмско позориште од Белград вечерва на програмата на „Охридско лето“

Претпоследниот ден од годинашното фестивалско издание на „Охридско лето“ е резервиран за театарската претстава „Мојот маж“, режисерска поставка на Јелена Томиќ, во изведба на Југословенскиот драмски театар од Белград.

Станува збор за претстава работена по текст на Румена Бужаровска, која во збирката раскази „Мојот маж“ создава портрети на различни жени, а поентата на нивната поврзаност е фактот дека мажите се централен фокус на нивните животи и постапки.

Динамиката на односите е секогаш иста – мажот е на пиедесталот, а жената во сивата зона на постоењето ги реализира своите цели и потреби без да ја наруши или загрози машката позиција и моќ.

Авторката Бужаровска, овој поширок контекст, кој ги детерминира односите, постапките и случувањата на ликовите, не го преиспитува, ниту го критикува. Таа протестира против патријархатот при што вели – патријархатот е наша реалност и ќе биде уште долго време.

Улогите во претставата ги толкуваат Jована Беловиќ и Сања Mарковиќ.

Претставата ќе се игра на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот. Претставата не се препорачува за лица помлади од 16 години.

Режисерката Јована Томиќ ги завршува основните дипломски и мастер студии на Факултетот за драмски уметности во Белград, на Катедрата за театарска и радио режија, во класата на Алиса Стојановиќ. Во Југословенско драмско позориште таа ја поставува претставата „Натан Мудриот“ (2019), а ги режирала и претставите: „Г-дин Бидерман и пироманите“, „Урнебесна темнина“ (Ателје 212), „Кабаре Нушиќ“ (Театар Зоран Радмиловиќ, Зајечар), „Лолита“ (Мадленианум), „Боси во паркот“, „Лисистрата“ (Национален театар Суботица), „Чекаќи ја иднината“ (Паоло Граси), „Егзодус„ (Драгстор, 20/44) и многу други.

Добитник е на првата награда на Радио Белград 2, на конкурсот за радио драма „Неда Деполо“, додека претставата „Движење“ и носи шест награди во рамки на 65. фестивал „Стерјино Позорје“.