Мобилната болница до Инфективната клиника подготвена за прием на пациенти

Мобилната болница поставена во близина на Универзитетската Клиника за инфективни болести е подготвена да прими пациенти со коронавирус. Во неа, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, ќе има 130 кревети.

Во нејзиното поставување беа вклучени Град Скопје, Министерството за здравство и Министерството за одбрана.

Здравствениот систем, како што соопшти Министерството за здравство, е подготвен да прими и поголем број пациенти од тие кои сега се третираат во болниците, како и за пикот на коронавирусот во државава, што според проценките се очекува на крајот на месецов. На располагање се повеќе од 1.000 болнички кревети за хоспитализирање на пациенти со коронавирус и тоа во Клиниката за инфективни болести со дополнителните капацитети, ГОБ „8 Септември“, инфективните одделенија во Штип, Гостивар и Велес, Институтот за белодробни заболувања во Козле, депандансот на Министерството за труд и социјална политика во Демир Капија, како и понудените капацитети од приватните болници.

Клиниката за инфективни болести заедно со дополнителниот капацитет за прием на тешко и средно-тешко болни пациенти со коронавирус располага со 250 болнички кревети, а со близу 400 кревети располага ГОБ „8 Септември“ во Скопје. Во моментов на Клиниката за инфективни болести се лекуваат 59 пациенти, што претставува една четвртина од расположливите капацитети само на оваа локација, што значи дека овие институции располагаат со доволно капацитети, но и со инфектолози специјалисти по инфективна медицина и обучен медицински персонал.

Моделот на третман и лекување на тешките и средно тешките пациенти во институции каде има специјалисти по инфективна медицина, во комбинација со домашното лекување е модел на пристап кон пациентите со коронавирус што се применува во Германија и се покажува како солиден и може да се аплицира во нашата земја, потенцираат од Министерството за здравство.