Модриќ им порача на навивачите на Реал: „Се гледаме следната сезона“

Капитенот на хрватската фудбалска репрезентација Лука Модриќ во неделата вечерта им порача на навивачите на Реал Мадрид „се гледаме следната сезона“, со што потврди дека ќе го продолжи договорот што му истекува овој месец.

„Колку сум среќен што сум повторно овде!“, изјави 38-годишниот Модриќ во обраќањето до публиката на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ за време на прославата на освојувањето на Лигата на шампионите. „Многу ви благодарам за поддршката во текот на целата година. Овој пехар е и ваш. Се гледаме следната сезона“, додаде Модриќ.

Со тоа тој потврди дека ќе потпише нов договор со клубот во кој настапува од летото 2012 година, коментираше клупската телевизија Реал Мадрид при преносот на прославата. Неговиот актуелен договор истекува на 30 јуни.

Во саботата Реал Мадрид ја победи Борусија Дортмунд со 2:0 во финалето на Лигата на шампионите одиграно во Лондон, со што по петнаесетти пат стана европски првак.

Претседателот на Реал, Флорентино Перез, по натпреварот изјави за новинарите дека е „сигурен дека Модриќ ќе продолжи да игра уште една година“. „Никој не се сомнева во тоа“, изјави Перез.

Модриќ со Реал Мадрид освои 26 натпреварувања, па заедно со капитенот Начо Фернандез е играчот со најмногу трофеи во 122-годишната долга историја на клубот. Во саботата тој повтори дека би сакал да ја заврши играчката кариера во Реал Мадрид.

Фудбалерите во неделата го прославија освојувањето на Лигата на шампионите во центарот на Мадрид и на стадионот пред десетици илјади навивачи.