Модриќ за полуфиналето со Аргентина: Да го одиграме натпреварот на нашите животи

Хрватска го елиминира Бразил и по третпат во историјата се пласираше во полуфиналето на Светското првенство. Капитенот Лука Модриќ смета дека „коцкестите“ и досега покажале многу на Мундијалот, но допрва треба да го одиграат натпреварот на животот.

„Импресивно е повторно да се биде во полуфиналето на Светското првенство, ова што го прави овој тим е нешто неверојатно“, изјави Модриќ.

„Нормално е сите повеќе да гледаат во големите земји. Бидејќи сме мала земја, никој не нѐ зема во предвид, но немаме проблем со тоа што другите се фаворити, а ние сме во сенка. Тоа е нешто што не можеме да го контролираме“, истакна тој.

37-годишниот Модриќ се фокусира на претстојното полуфинале со Аргентина, во вторник од 20 часот.

„Аргентина е голем тим, не играме само против еден играч. Секако дека Лео Меси е одличен, нивниот најдобар играч и ќе имаме многу потешкотии да го спречиме, но ние сме подготвени и ќе дадеме сѐ од себе. Да се ​​обидеме да ја одиграме најдобрата игра на турнирот во нашите животи. Се надевам дека тоа ќе биде доволно за финалето“, заклучи играчот на Реал Мадрид.