Mодуларната болница во Штип ќе има 42 кревети, ќе се реновира инфективното одделение

Почна поставувањето на модуларната болница лоцирана во близина на детскиот одделение во рамки на Клиничката болница во Штип. Mодуларната болница ќе има 42 кревети.

– Одлично оди динамиката со поставувањето на модуларните болници насекаде низ државата, таму каде дефиниравме дека е приоритет. Штип е еден од градовите заедно со Гевгелија, Кичево, Струга. Понатаму, следуваат Струмица и Куманово. Ова е еден модел кој го правиме со помош на Светската банка, која уште на почетокот на кризата излезе во пресрет и со значајна финансиска поддршка ни помогна да го реализираме проектот. За жал, на почетокот на кризата, за време на техничката влада се соочивме со една неразумна блокада од опозицијата која успеа да го одложи проектот, но секако не и да го спречи. Ова е нешто што како проект ќе даде значајно полесен пристап на пациентите кои се заболени од ковид-19 и повисок степен на квалитет на лекување, проект којшто го спроведуваме на територија на целата држава – изјави Филипче пред модуларната болница.

Модуларните болници, посочи, се опремени со соодветна дијагностичка опрема, лабораторија, мобилни дигитални рентген апарати, ЕХО апарати. Потенцира дека инфективните одделенија насекаде во развиените земји, во развиените болници се физички одделени од останатиот болнички капацитет со цел останатите други оддели да останат целосно чисти.

– Со поставувањето на оваа модуларна болница во Штип се добива уште една предност, а тоа е веќе потпишаниот договор за целосно реновирање на сегашното инфективно одделение, благодарение на проектот на Европската Унија за меѓугранична соработка. Овој проект го одложивме затоа што сега таму се сместени голем број пациенти и практично ќе продолжи да се спроведува кога пациентите ќе се префрлат во оваа модуларна болница, што очекуваме да се случи некаде на крајот на месец јануари. Со една одредена динамика веќе продолжува да се прави фасадата, скоро е целосно завршена, а интензивно работиме на начинот да се забрзаат активностите – нагласи министерот Филипче.

Директорот на Клиничката болница во Штип, Ален Ѓеорѓијев рече дека ставен е во функција оддел на дерматоверорологија каде има полесни случаи, а од пред неколку дена на одделот за интензивна нега кај анестезија ставиле дополнителни шест кревети кои се за интензивен третман, значи 24-часовен мониторинг за исклучително тешки пациенти.

– Со тоа ќе му олесниме на персоналот на инфективното одделение кој е истоштен овие девет, десет месеци, а ќе пружиме третман и помош на пациентите со тешка клиничка слика. Од почетокот на пандемијата до денес имаме над 70 кревети каде ги третираме болните, а првобитната проекција беше 35 до 40. Оваа модуларна болница ќе ни биде од помош и покрај тоа што ќе ги прошириме капацитетите ќе успееме во наредниот период да почнеме со долгоочекуваната реконструкција на зградата на инфективниот оддел – додаде Ѓеорѓијев.