Модули за мировно образование во средното образование

Денеска се одржа промоција и конференција за медиуми на која беа промовирани Модули за мировно образование во средното образование. Станува збор за материјал е резултат на повеќегодишната работа на Детската амбасада МЕЃАШИ и бројни организации, институции и индивидуи, како дел од заложбите за градење на мирот, ненасилство и унапредување на процесот на учење за мир.

Модулите може да ги погледнете овде  

Промотор(к)ите истакнаа дека Мировното образование во Македонија е застапено во официјалниот курикулум во средното и основно образование, на различни начини и дека овој материјал е уште еден чекор кон унапредување на процесот на учење за мир, кој и досега се реализирал и не претендира да биде синтеза на сите досегашни напори. Тој е покана да се вклучат сите релевантни чинители кои се грижат за оваа проблематика и имаат што да кажат.

Заложбите на Детската амбасада Меѓаши се материјалот со понудените модули да се гледа како можен чекор напред кон воведување/реализирање на Мировното образование во наставните планови и програми или животот и работата на училиштата за средно образование. 

Беше упатена благодарност кон сите кои на кој било начин придонеле за постоењето и развојот на Мировното образование и овие важни теми да продолжат да се развиваaт, прошируваaт и реализираат, да се вклучени и присутни во официјалните државни училишни курикулуми и институции.

Посебна благодарност беше упатена кон наставниот кадар (над 300 професорки и професори) активно вклучен во Програмата за мировно образование како и кон Министерството за образование и наука кое овозможи да се формира Координативно тело за мировно образование и кое даде значаен придонес кон создавањето и реализацијата на овие Модули. На промоцијата учество земаа и ученици кои учествувале на активности од оваа програма, споделувајќи искуства, предизвици и дилеми со кои се соочиле.

Во денешно време, кога светот се соочува со многубројни предизвици и конфликти, Мировното образование не само што ги поттикнува учениците да го разберат комплексниот карактер на конфликтите, туку и ги поттикнува да развиваат вештини за надминување на истите, способности за комуникација и меѓукултурно разбирање. Преку учењето за мир учениците стануваат свесни за вредностите на соработка и почит кон различностите. Мировното образование ги подготвува новите генерации да бидат активни граѓани/граѓанки, способни да придонесуваат кон изградбата на стабилно и мирно општество каде секој има право на образование и еднакви можности.

Што претставуваат модулите за Мировно образование?

Мировното образование е предизвик за кој најважен е начинот на кој се поучува, спроведува, односно, како, на кој начин, со кои форми и методи се обработува во воспитно‒образовниот систем. Мировното образование и воспитание може да се применува уште од мали возрасти, до зрели години, но овде акцентот е на образованието и воспитувањето за мир на средношколската младина. Тоа опфаќа широк спектар на подрачја, содржини и методи на поучување.  

Мировното образование ги применува следните пристапи во учењето: Интерактивност, партиципативност, искуствено учење, хоризонталност, градење односи, вредносно ориентирана, љубопитност, развојност, дигитална писменост.

Материјалот нуди четири модули од областа на Мировното образование и тоа:

  • Ненасилна комуникација
  • Управување со конфликти
  • Врсничка медијација и
  • Ненасилство и насилство.

Модулите ќе се најдат во училишните и други средини со цел да дадат инспирација, поддршка, да понудат одредени содржински, методски инструкции на наставниците, стручните соработници и воспитувачите во ученичките домови.

Очекуван резултат е дека соодветната употреба на овој практичен материјал ќе доведе до подобрување на училишната клима, намалување на врсничкото насилство и конструктивно справување со него. Имено, актуелноста на темите предизвикани од современите потреби/опкружувањата на младите, наметнува итна интервенција со постојано јакнење на човечките капацитети во училиштето/ученичките домови, каде што учениците растат, учат, се развиваат во средина без насилство, притисоци, занемарување, заканување со цел обезбедување средина со мир, безбедност, среќа и радост за секој ученик.

Мировното образование како нов пристап може лесно да произведе контраефект доколку се наметне, пропише и се сфати како нова обврска. Треба да биде олеснување за наставниците да се справат со новите предизвици на воспитувањето и образованието, да отвори пат кон учениците кои сè помалку се заинтересирани за училиште кое им го нуди она што, според нивното мислење, е непотребно и лесно достапно преку интернет или, пак вештачката интелигенција која е на повидок.

Реализацијата на модулите бара вклучување на основните, средните и високо-образовните институции, владините тела, невладиниот сектор, родителите и другите засегнати страни кои се свесни за неопходноста од нови пристапи кон образованието во денешно време.