Младинскиот образовен форум (МОФ) реагира на квалификациските тестирања за упис кои Министерството за образование и наука вчера ги закажа за 22 јуни 2020 во средните училишта каде што со ист број поени се пријавени повеќе ученици одошто слободни места утврдени во Конкурсот.
МОФ изразува загриженост поради тоа што тестирањето е закажано доцна, односно нецели четири дена однапред, во време на пандемија и во висок ризик од заразата. Укажува и дека учениците треба во ист ден да полагаат тестови по два предмета, што е стресно за нивната возраст, а ги немаат ниту учебниците за да се подоготват бидејќи ги вратиле за да ги добијат свидетелствата.
„Најавувањето на испитите во исклучително кус рок, ги става учениците во неизвесна и непозната ситуација, која може и мора да биде планирана и превенирана од страна на надлежните институции. Ова е дополнителен стрес кој учениците и нивните семејства веќе го имаат при преминот од еден во друг степен на образование. Два тестови во еден ден (особено квалификациони), не смее да биде пракса во ниеден случај. Ова се избегнува во редовното тестирање во училишата, како во основно така и средно образование, дури и при полагањето на испити во високото образование. Мора да се има на ум дека за ученици кои штотуку завршиле основно образование, ова ќе претставува особено сериозен и стресен процес, за кој немаат начин да се подготват дури ни во услови кога испитите би биле најавени порано“, реагираат од МОФ.
Дополнително отежнување е тоа што учениците во второто полугодие учеа во вонредни услови и од далечина, т.е. образованието по квалитетот и интензитетот било различно од изминатите години.
– Со доцната и нецелосна најава, учениците се ставени во состојба да не знаат дали согласно нивниот ранг би полагале, а дополнително непознат им останува обемот на материјалот на кој ќе се спроведе тестирањето. Уште повеќе загрижува фактот што тие ќе имаат нецели четири дена за подготовка за полагање на два предмета – математика и мајчин јазик. Од моментот на објавата на првичната ранг-листа во училиштата (која ќе се случи денес), до изведувањето на тестирањето, учениците имаат нецели три дена да се подготват за двата теста. Успехот на ова тестирање директно ќе се одрази на понатамошното образование на овие ученици, наведе МОФ во реакцијата, набројувајќи ги слабостите на квалификациското тестирање закажано за понеделник.
Од МОФ го повикаа Министерството додека не најде соодветен модус за превенирање на овие ситуации во иднина, „мора да се остави простор училиштата да одлучат за отворање поголем број паралелки доколку за истото имаат соодветни можности и услови“.
– Потенцираме дека и понатаму остануваат места во стручните училишта кои ниту оваа година Министерството за образование и наука не успеа доволно да ги промовира и популаризира помеѓу идните средношколци. Еден од приоритетите на Министерството мора да биде изедначување на квалитетот во сите училишта, што директно ќе влијае на нивната привлечност за следните средношколци, наведува МОФ.