Могерини и Хан изразија жалење за неучеството на албанската опозиција на изборите

Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан изразија жалење поради бојкотот на албанската опозиција на Парламентот и нејзиното нерегистрирање за учество на изборите.

Во заедничката изјава околу политичката криза во Албанија, Могерини и Хан наведуваат дека политичката дебата не треба да биде надвор, туку внатре во Паламентот, врз основа на демократската практика.

– Граѓаните заслужуваат одговорно лидерство. Повторно упатуваме апел до политичарите да се однесуваат одговорно, со почитување на институциите и да го отворат патот за демократски избори, во согласност со меѓународните стандради, се наведува во заедничката изјава на двајцата високи функционери на ЕУ.

Тие посебно ја нагласуваат големата потреба на Албанија од правосудните реформи, а поради неучествувањето на парламентарната седница на опозицијата, поради бојкот, блокирано е формирањето на неопходните судски институции, кои се многу значајни за иднината на Албанија.

Сепак, Могерини и Хан се оптимисти дека албанските лидери ќе покажат одговорност и способност за да дејствуваат според законските институцонални процедури.

Централната изборна комисија на Албанија, по истекот на рокот за тоа, соопшти дека за парламентарните изборите, закажани за 18 јуни, се регистрирале 45 политички субјекти,но не и партите од обединетата албанска опозиција.