Прекинот на огнот во Сирија е прва шанса да се стави крај на насилството на теренот и таа неможе да се пропушти, порача денес високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.
Доколку прекинот на огнот се одржи, ќе се создадат услови за целосен, непрекинат и непречен хуманитарен пристап низ цела Сирија, истакна таа во соопштението објавено на веб страната на Европската служба за надворешни работи, пренесува „Танјуг“.
Со тоа, како што додаде, ќе се пружа прилика да се спроведат и мерките за градење доверба што беа усогласени во Советот за безбедност на ОН.
За возврат тоа ќе му овозможи на специјалниот пратеник на ОН Стефан де Мистура повторно да ги свика внатрешносириските преговори во Женева и да создаде услови за политичката транзиција што едногласно беше договорена во Советот за безбедност на ОН, наведува Могерини.
Таа потсети дека на полноќ прв пат по петгодишната војна во Сирија стапи на сила прекинот на непријателствата, по едногласното усвојување на Резолуцијата 2268 во Советот за безбедност на ОН.
Сите ние во меѓународната заедница, како и страните во конфликтот имаме одговорност и правиме тоа да успее, а не да ја прокоцкаме приликата да спасиме животи и да ја изведеме Сирија на пат кон мирно решавање на конфликтот, заклучи високата претставничка на ЕУ за надворешната политика и безбедност.