Високата претставничка на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини, разговарала во вторникот телефонски со претседателите на Србија, Александар Вучиќ, и на Косово, Хашим Тачи, по убиството на српскиот политичар во поранешната јужна српска покраина Оливер Ивановиќ, и ги повикала сите страни да останат мирни и воздржани.
„Високата претставничка ги повика сите страни да останат мирни и воздржани, и да им овозможат на правосудните тела да ја завршат својата работа“, се наведува во соопштението од кабинетот на шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини.
Таа силно го осудила убиството на Ивановиќ и изразила сочувство до неговото семејство и блиските.
Европската унија силно го осудува убиството на Ивановиќ поради што е суспендиран техничкиот дијалог меѓу Србија и Косово, кој требаше да се одржи во вторникот претпладнето во Брисел, изјави во меѓувреме Маја Коцијанчич, портпатолката на Могерини.
„Европската унија силно го осудува убиството на Оливер Ивановиќ. Очекуваме од косовските правосудни тела да сторат се’ за да ги пронајдат сторителите и да ги приведат пред правдата“, изјави Коцинајчич.
Во вторникот во Брисел требаше да продолжи дијалогот меѓу Србија и Косово на техничко ниво по 13-месечниот застој. Веднаш по информацијата за атентатот врз Ивановиќ, српската делегација го напуши Брисел.
„Поради тажниот настан, убиството на Оливер Ивановиќ, дијалогот на техничко ниво е суспендиран“, потврди Коцијанчич во писмената изјава за медиумите.
Претседателот на Граѓанската иницијатива „Србија, демократија, правда“ (СДП), 64-годишниот Оливер Ивановиќ, кој важаше кај меѓународната заедница како умерени политичар, беше застрелан во вторникот утрото околу 8,15 часот пред партиските простории во Косовска Митровица и итно беше пренесен во Клиничко-болничкиот центар во северниот дел на поделениот град, каде што им подлегна на повредените.
Ивановиќ пред три години беше уапсен и повеќе од две години мина во притвор поради обвинувања за наводни воени злосторства сторени врз косовски Албанци во текот на конфликотот од 1998/1999. Беше пуштен да се брани од слобода во април минатата годја, а во јули му беше запален автомобилот во северниот дел од Косовска Митровица.