Могерини: Сите излезете на референдум, демократијата е бесценета

Македонија направила голем напредок и импресивни резултати, а Договорот од Преспа за спорот за името со Грција е чин на политичка храброст, одговорност, но и поттик за решавање на проблемите за целиот Западен Балкан, смета високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност и и заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини.

Таа денеска во Скопје рече дека референдумот за промената на името и влез во ЕУ и НАТО не значи  ниту избори ниту политика.

На 30-ти септември кога ќе одите да гласате, запаметете, вие сте тие што ги имаат клучевите за вашата иднина. Излезете гласајте, немојте да молчите, клучевите се кај вас и немојте да ја пропуштите ова историска можност, бидејќи вие сте одговорни за вашата иднина. Кога ќе се разбудите на први октомври, после референдумот, да бидете свесни дека сте направиле избор за вашите деца и за вашата иднина, кажа Могерини по денешната заедничка прошетка со премиерот Зоран Заев во Старата чаршија во Скопје.

Таа потенцираше дека вратите на ЕУ остануваат отворени за Македонија и дека само заедно со ЕУ може да се постигне многу за безбедноста, стабилноста и просперитетот на Македонија и на регионот.

За ставот на опозицијата, која повика секој граѓанин да постапи по сопствено обедување на референдумот, Могерини рече дека не е нејзина улога да се меша во домашна политика и да кажува како да се гласа.

Не е моја улога да се мешам во внатрешна работа, да кажувам гласајте ‘за’ или ‘против’. Сепак, претставува одговорност да ги повикам сите да излезат на референдум, демократијата е бесценета. Имате историска можност да ја формирате својата иднина. Подоцна ќе биде тешко да се жалите дека не сте направиле сè. Одлуката е на граѓаните. Многу време сте надвор од ЕУ. Има многу фрустрации кои се акумулирани во вашата земја. Сè зависи од вас. Вратите на ЕУ остануваат отворени за вашата иднина, рече Могерини.