Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Фредерика Могерини по препораката за почеток на преговорите за членство изјави дека Македонија се врати на патот кон Унијата, што е заеднички успех на Владата, парламентот, опозицијата и сите граѓани на Македонија, но и дека тој пат мора да продолжи.
Поминавте долг пат и драго ми е што се вративте на вистинската патека. По проценката што ја направија европските комесари, му препорачавме на Советот отпочнување на преговорите. Можете да славите половина ден, а потоа да се вратите на работа, рече Могерини на заедничката прес-конференција со претседателот на Владата, Зоран Заев, по безусловната препорака во извештајот за напредокот на Македонија.
Таа потенцира дека имајќи ги сите овие работи во предвид, но и задачите кои следуваат, Владата има одговорност да ѝ ги отвори вратите на опозицијата, но и таа да учествува во процесите. Процесот кон пристапувањето во ЕУ, Могерини го опиша како видеоигра, чија што крајна цел е подобрување на стандардот и квалитетот на живот.
Кога ќе завршите едно ниво добивате ново ниво, а на крајот од денот добивате екстра поени. Вистинската цел не се институциите, туку подобрување на стандардот на граѓаните и подобар квалитет на живот. Сето ова почна и ова се придобивки кои членството во ЕУ ги носи со себе. Следно ниво е спроведувањето на реформите. Во препораката има два магични збора- подобрување и продлабочување. Да се биде транспарентен, одлучен и строг значи дека ќе се остварат и вистинските резултати, порача Могерини.
Таа ја пофали Македонија дека завршила одлична работа во дијалогот со преговорите со Грција и изрази надеж дека ќе биде пронајдено решение кое ќе биде заеднички прифатливо.
Премиерот Заев искажа благодарност до Могерини од името на граѓаните на Македонија.
Тој побара од ЕУ да остане фокусирана на Македонија и најави дека Владата продолжува со потребните реформи. Заев додаде дека Владата енергично ќе продолжи со исполнување на реформските процеси во државата, со надеж дека очекувањата Македонија да добие датум за почеток на преговорите во јуни ќе станат реалност.
Премиерот повтори дека интеграцијата во ЕУ и НАТО е врвен и стратегиски интерес на Македонија и оти сега е добро време да се реши спорот со Грција.