Европската унија е соочена со економски гиганти и големи моќници и оттаму и таа мора да биде гигант, изјави во средата високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политик на ЕУ, Федерика Могерини, по повод Денот на Европа.
„Европската унија е она што ние од неа ќе направиме. Тоа е нашето најмоќно средство во денешниот свет. Затоа, да го искористиме на добар начин, заедно“, порача во видео-пораката Могерини.
Денот на Европа се одбележува на 9-ти мај, на годишнината од говорот на Робер Шуман, тогашниот француски министер за надворешни работи во 1950 година. Тогаш Шуман во своето обраќање го претставил својот предлог за формирање Европска заедница за јаглен и челик, нова форма на политичка соработка во Европа со чијашто помош војната меѓу европските држави би станала незамислива. Овој предлог, познат уште и како Шуманова декларација, се смета за почетокот на формирањето на Европската унија.
„Нашите граѓани многу добро знаат дека во глобалниот свет сме соочени со економските гиганти и големите моќници. И затоа и ние мораме да бидеме гиганти – да се носиме со предизвиците и да ги искористиме можностите“, истакан Могерини во средата, тврдејќи дека во денешниот свет Европската унија е понеопходна отколку кога и да е претходно.
„Кога станува збор за трговијата, миграциите, борбата против тероризмот, да истакнеме само некои од приоритетите на нашите граѓани, можеме да оствариме резултати само доколку бидеме обединети“, порача шефицата на европската дипломатија.
„Во денешниот свет Унијата им е неопходна и на нашите партнери, на сите оние кои сакаат заеднички да работат на јакнење на мултилатерализмот, мирот, одржливиот развој, слободата и чесната трговија, човековите права и демократијата“, истакна Могерини и додаде дека Денот на Европа не е само прослава, туку и зедничка обврска.
„Кога работиме заедно, остваруваме резултати“, заклучи Могерини.
Како примери, притоа, ги наведе градењето на заедничката европска одбрана, носењето на новиот буџет со кој повеќе се инвестира во глобалната европска улога и проектите како Еразмус, спасувњето на животите на имигрантите на море низ Операцијата Софија, но и „пријателите на Балканот“ на кои Брисел им помага на патот кон придружувањето на Унијата.