Молдавија прогласи руски дипломат за персона нон грата

Рускиот амбасадор во Кишињев Олег Васнецов добил известување дека еден од вработените во дипломатската мисија е прогласен за персона нон грата, објави прес-службата на Министерството за надворешни работи на Молдавија на каналот Телеграм.

Амбасадорот на Руската Федерација Олег Васнецов бил официјално известен дека еден од вработените во амбасадата е прогласен за персона нон грата на територијата на Република Молдавија и мора да ја напушти земјата.

Васнецов во вторникот пристигна во Министерството за надворешни работи на Молдавија, а беше повикан поради отворањето на избирачките места за руските претседателски избори во Придњестровје.

Кишињев и дозволи на Москва да отвори само едно избирачко место за претседателските избори, но во Придњестровје се гласало на шест избирачки места.

Претседателката Маја Санду во понеделникот изјави дека молдавската влада подготвува одмазднички мерки против Москва поради отворањето на дополнителни гласачки места во непризнатата република за претседателските избори во Русија.